Колку време треба да помине помеѓу првата и втората бременост?

Планирањето на семејството е од есенцијална важност за општата благосостојба и за родителите и за децата. Интегрален дел од планирањето на семејството е и временската разлика помеѓу првата и следната бременост.

Периодот помеѓу бременостите може да има значително влијание врз здравјето на вашето следно дете. Иако, не може да се каже дека има совршено време за уште едно бебе, ако ги знаете предностите и ризиците поврзани со тоа дали времето помеѓу бременостите е многу кратко или многу долго, може да придонесе да донесете правилна одлука за тоа кога да го зголемите семејството.

Според клиниката Мејо, препорачаното време што треба да помине помеѓу бременостите е од 18 до 24 месеци, но помалку од пет години. Истражувањата покажуваат дека и малата и големата временска разлика помеѓу бременостите носат одредени ризици и за мајката и за детето.

Според клиниката Мејо, бременоста во период од 12 месеци после породување е поврзана со ризик од:

  • Плацентата делумно или потполно да се одвои од задниот ѕид на матката пред породувањето
  • Плацентата да се закачи за долниот ѕид на матката и делумно или целосно да го покрие цервиксот (placenta previa) кај жените кај кои првото породување било со царски рез
  • Аутизам кај второто дете

Истражувањата исто така укажуваат дека постои зголемен ризик од руптура на матката при обид за вагинално породување кај жени што се породиле со царски рез, пред помалку од 18 месеци.

Покрај ова, постои и ризик бебето да се роди со помала тежина, помала големина во однос на гестациската возраст, како и да се роди предвреме.

Некои експерти сметаат дека заради кратката временска разлика помеѓу бременостите, мајката нема доволно време да се опорави од физичкиот стрес од претходната бременост. На пример, бременоста и доењето можат да ги намалат резервите на основните нутриенти како што се железото и фолатите. Ако наредната бременост следи пред да дојде до нивно обновување, тоа може да претставува ризик за здравјето и на мајката и на детето.

Истражувањата покажуваат дека и долгиот инервал помеѓу бременостите носи одредени ризици за бебето и за мајката. Нова бременост после пет или повеќе години од првата се поврзува со поголем ризик од

  • Зголемен крвен притисок и зголемено излачување на протеини во урината после 20-тата недела од бременоста (прееклампсија)
  • Предвремено породување
  • Мала тежина на плодот
  • Помала големина во однос на гестациската возраст

Не е јасно зошто пролонгираниот интервал помеѓу бременостите е поврзан со проблеми и кај мајката и кај бебето. Некои експерти сметаат дека бременоста го зголемува капацитетот на матката да ја одржува бременоста, но дека со време тие корисни физиолошки промени се губат.  

Поддржете ја нашата работа: