Атмосферата на Месечината содржи неон – гас кој најчесто се користи во елекстричните знаци на Земјата поради интензивната светлина.
„Не само што конечно го потврдивме неговото присуство, туку и покажавме дека го има релативно во изобилство“, вели Мехди Бена од Центарот за вселенски летови на НАСА во Гринбелт, Мериленд и главен автор на студијата, објавена во „Geophysical Research Letters“, која ги опишува опсервациите од мисијата.
Нема доволно неон за Месечината видливо да блеска бидејќи нејзината атмосфера е екстремно ретка, околу 100 трилиони пати поретка од Земјината. Густата атмосфера, како онаа на Земјата, е релативно ретка во сончевиот систем бидејќи објектот би требало да биде доволно масивен за да има доволно гравитација. Најчест вид на атмосфера во нашиот сончев систем е егзосферата (и атмосферата на Месечината технички се смета за егзосфера, бидејќи е ретка.). Затоа научниците сакаат што побрзо да ја истражат, бидејќи издувните гасови од ракетите и вселенските летала може да го променат нејзиниот состав.
Научниците ги мереле гасовите во егзосферата на Месечината во период од 7 месеци и потврдиле дека егзосферата се состои главно од хелиум, аргон и неон. Нивната застапеност зависи од времето – аргонот е најзастапен на изгрејсонце, неонот во 4 часот наутро, а хелиумот во 1 часот по полноќ. Иако поголемиот дел од гасовите доаѓаат од соларните ветрови, некои од нив доаѓаат од самата Месечина. Научниците откриле дека аргон-40 е резултат на распаѓањето на калиум-40 кој го има во карпите на сите планети како остаток од нивното формирање и дека 20% од хелиумот е резулат на распаѓањето на радиоактивните ураниум и ториум, кои исто така ги има во карпите на Месечината.