Леталото Касини откри кањони со течност на месечината Титан

Покрај Земјата, Титан – најголемата месечина на Сатурн е единственото небеско тело во нашиот Сончев систем за кое се знае дека има течност на својата површина.

Месечината Титан има густа атмосфера од азот и метан и е обиколена со голем облак од цијанид. Температурата на Титан е за 200 степени Целзиусови пониска од температурата на Земјата, а во близина на северниот пол на Титан се наѓаат три големи мориња од метан јаглеводород – „Kraken Mare“, „Punga Mare“, и „Ligeia Mare“. Околу овие мориња се наоѓаат и неколку помали езера.

Според новото истражување – што беше објавено во „Geophysical Research Letters“, на површината на Титан се наоѓат кањони исполнети со јаглеводород. Истражувачите дошле до ова откритие откако ги анализирале податоците собрани во 2013 година од леталото Касини на НАСА.

Леталото Касини го истражува Сатурн и неговата околина речиси дваесет години, а испратените податоци индицираат дека второто море по големина на Титан – „Ligeia Mare“,  се разгранува во реки и кањони слично како формациите на реката Нил.

Каналите што се забележани од страна на Касини, особено 400-километри долгата мрежа наречена  „Vid Flumina“, е формирана од осум тесни кањони – широки нешто помалку од еден километар, но со огромна длабочина која изнесува од 240 до 570 метри.

Истражувачите знаат за овие формации веќе подолго време и сметаа дека необичната црна материја во нивната внатрешност би можела да биде течност, а не ледени отпадоци, но досега не беа во можност тоа да го тестираат.

Научниците не се сигурни кои процеси допринеле за појава на овие формации, но сметаат дека постојат две можности. Според извештајот на НАСА, формациите се веројатно последица на тектонски промени или промени во нивото на морето, па дури можеби и на давата процеси заедно.

Касини ја завршува својата дваесет годишна мисија идната година, а дотогаш би требало да добиеме повеќе информации од областа во која се наоѓаат кањоните.

Поддржете ја нашата работа: