Ако човештвото некогаш реши да ја напушти нашава планета Земја, ќе мора да најде начин да се справи со космичката радијација – високо енергетските честички кои се движат во вселената и за кои е докажано дека се штетни, ако не сме заштитени од атмосферата на нашата планета.
За среќа, научниците од ЦЕРН објавија дека работат на изнаоѓање на решение за овој проблем. Во соработка со проектот „SR2S“ (European Space Radiation Superconducting Shield), ЦЕРН развива суперспроводлив магнетен штит кој може да го заштити вселенското летало и екипажот од космичките зраци за време на далечните вселенски мисии.
За штитот ќе биде искористено едно од откритијата што минатата година го направија физичарите од ЦЕРН, кога беше постигнато рекордно количество на електрична струја, со употреба на магнезиум диборид (MgB2) за нивните суперспроводливи кабли. Тимот што работи на штитот ќе го користи истиот материјал за суперспроводливите калеми на магнетот, во нова конфигурација, со цел да генерира поле што ќе биде доволно силно да ги спречи штетните космички зраци од надворешноста да навлезат во леталото и да им наштетат на астронаутите и опремата.
Во претходните соопштенија од „SR2S“, беше сугерирано дека проблемот со космичката радијација би можел да биде решен во следните три години, преку технологијата на магнетното поле, што ќе овозможи долготрајни престои во вселената без оштетувања од космичките зраци. Целта на проектот „SR2S“ е да создаде магнетно поле 3.000 пати појако од магнетното поле на Земјата, со заштита од 10 метри во дијаметар за астронаутите во самото летало или директно од надворешната страна на леталото.
Технологијата е од суштинско значење, ако сакаме астронаутите безбедно да престојуваат долго време во вселената. Покрај тоа што потенцијално може да предизвика когнитивни нарушувања, се верува и дека долготрајната изложеност на космичките зраци може да ја зголеми веројатноста астронаутите да развијат различни видови на рак.
„Оваа состојба е клучна. Според нашите сегашни податоци, само мал дел од активните астронаути на НАСА се во состојба да останат на Меѓународната вселенска станица во едногодишна мисија, и покрај фактот што изложеноста на радијација таму е два пати помала од изложеноста при далечните вселенски патувања. За следните истражувачки предизвици – патувањата во внатрешноста на универзумот до астероидите блиски до Земјата или долготрајните престои на Марс или на Месечината, потребен е ефикасен начин за заштита на астронаутите“- вели Роберто Батистон, координатор на проектот „SR2S“, во соопштението за печатот.