На западниот брег на јужна Италија се наоѓа малото гратче Ачароли. Од вкупно 2.000-те жители колку што живеат во ова мало тивко место, 300 лица имаат 100 и повеќе години. Ако се земе предвид дека насекаде во светот процентот на стогодишици се движи под 1%, јасно е дека овде процентот е несразмерно висок, но никој не знае зошто е тоа така.
Затоа, сега за прв пат на истражувачите им е овозможен пристап во Ачароли за да истражат во што е тајната на долговечноста на овие жители.
Според истражувачите од Медицинската школа при Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, ќе биде спроведена долгорочна студија при што ќе се направат генетски анализи, како и проучување на начинот на живот на жителите, меѓу кои исхраната, физичката активност и сл.
Покрај тоа што се долговечни, жителите на Ачароли се познати и по тоа што имаат најниска стапка на срцеви заболувања и на Алцхајмер.
Како што објаснува еден од истражувачите, кардиологот Ален Маисел, она што е најинтересно е тоа што жителите на ова место не се многу физички активни, не џогираат, не вежбаат, нити многу пливаат, а покрај тоа, многу од најстарите жители се пушачи и имаат прекумерна тежина.
Затоа тој претпоставува дека долговечноста на жителите на Ачароли се должи на добрите гени и на добрата исхрана. Медитеранската исхрана што е карактеристична за овој дел е богата со риба, маслиново масло и рузмарин – билка што сѐ повеќе го привлекува вниманието на научниците. Покрај тоа што е богат со калциум, железо и витамин Б, лабораториските тестирања покажале дека рузмаринот е богат и со антиоксиданси и анти-воспалителни состојки.
Како што вели Маисе, жителите на ова место користат рузмарин во речиси сѐ што готват. Независно во која форма се користи, научните истражувања покажуваат дека оваа билка ги превенира и редуцира когнитивните дисфункции поврзани со стареењето.
Уште една потенцијално клучна состојка за долговечност според Маисе се инчуните, кои жителите на Ачароли многу ги конзумираат.
Целта на проектот е да се откријат некои од тајните за здраво стареење, но и да се изградат поцврсти врски помеѓу истражувачите од целиот свет што ќе доведе до подобри научни сознанија и ќе ја подобри клиничката нега на постарата популација, велат истражувачите.
Иако ќе помине извесно време пред да бидат добиени првите извештаи, се очекува од ова истражување да се добијат вредни наоди за тоа како луѓето низ целиот свет да живеат подолго.