Мажи, пуштајте брада!

Според едно ново истражување објавено во „Journal of Hospital Infection“, брадата кај мажите, иако се чини изненадувачки, може да има хигиенски цели. Тим од научници ги споредиле нивоата на бактерии од брадите на свежо избричени мажи – болнички работници со нивните „брадести“ колеги. Резултатите можеби ќе бидат охрабрувачки за мажите да почнат да пуштаат брада.

За потребите на истражувањето биле земени примероци од брадите на 408 болнички работници од две различни болници. Потоа, ја споредиле застапеноста на одредени бактериски видови што се наоѓаат на брадите на нивните свежо избричени колеги. Веројатноста да имаат штетни бактерии на својата брада – вклучувајќи ја и метацилин-резистентната „Staphlyococcus aureus“ ( MРСА ), била три пати поголема кај свежо избричените мажи, отколку кај нивните брадести колеги. МРСА инфекциите се чести  во болничките услови и многу опасни бидејќи се резистентни на најголемиот број на антибиотици со кои располагаме денес. Покрај тоа, истражувачите откриле дека мажите без влакна на брадата имаат 10 проценти поголема веројатност да имаат некое делче од МРСА на нивното лице.

Истражувачите претпоставуваат дека ова е поврзано со „микротраумите“ на кожата што се случуваат при бричењето. Абразијата на кожата од секојдневното бричење им помага на бактериските колонии  да растат и да се шират на површината на кожата. Но, според еден друг експеримент спроведен во 2014 година, друга теорија е дека брадата е во состојба  да се бори против инфекциите. Доктор Адам Робертс, микробиолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон, земал примероци од брадите од мажи по случаен избор и ги засадил во петриеви садови. Тој успеал да израсне 100 различни видови бактерии од земените примероци. Но, Робертс открил и микроорганизми кои ги уништувале сите други видови во петриевите садови. Тој ги изолирал тие микроорганизми и ги засадил во посебни садови заедно со „Escherichia coli“ и открил дека тие ефикасно ја уништувале оваа бактерија.

Меѓутоа, еден претходен експеримент направен од репортерите на „Action 7 News“ во Албакерки, Ново Мексико, во соработка со „Quest Diagnostics“, покажал дека брадата кај мажите содржи бактерии што се обично присутни во цревата и фекалиите.

Брадата полесно ги задржува нечистотиите и микроорганизмите, но вистината е дека доколку се одржува соодветна хигиена, брадата кај повеќето мажи содржи нормално ниво на микроорганизми. Чиста брада, а не свежо избричено лице се чини дека е трикот за поздрава кожа на лицето.

Поддржете ја нашата работа: