На околу 240 километри од источниот брег на северна Африка и на околу 380 километри јужно од Арапскиот полуостров, сместени се група острови што некои ги нарекуваат и „најчудното место на Земјата“.
Сокотра – што истовремено е името на архипелагот и на најголемиот остров, е навистина необично место. Повеќе од една третина од растенијата што растат тука не може да се сретнат никаде на друго место.
Сокотра е дел од Јемен, но, исто така е и изолиран остров. Стотиците километри водена површина што го делат од матичното копно, ѝ овозможиле на Сокотра не само да има растенија што наликуват како да се од друг свет , исто така им овозможило и на луѓето на Сокотра да бидат различни.
Нешто повеќе од 50-те илјади жители што ги населуваат островите имаат свој посебен јазик, митови и легенди, како и сопствена влада. Археолошката историја на Сокотра датира наназад помеѓу најстарите цивилизации и е полна со мистериозна пештерска уметност и 2.000 години стари алатки. Богатата култура на локалните жители, исто како и богата флора и фауна покрај која живеат, беа изолирани илјадници години, се до пред нешто повеќе од десетина години кога владата на Јемен почна да ги отвора островите за туризам.
Во 2008 година УНЕСКО ги прогласи островите за светско наследство, нарекувајќи ги „Галапагос на Индискиот Океан“, заради неверојатната уникатност и разноликост на растителниот и на животинскиот свет. Покрај стотиците ендемични растенија, 90% од влекачите и копнените полжави што живеат на островите се карактеристични само за нив. Но уникатноста на Сокотра не завршува на работ на водата. Научниците откриле дека и коралните гребени на Сокотра се исто така особено специфични – тие се дом на огромен број на хибриди.
„Разните видови риби кои не можат да се сретнат едни со други во останатите океани, се среќаваат на коралните гребени на Сокотра. Разните видови се парат тука и зад себе оставаат здраво потомство“- објаснува Џозеф ДиБатиста, водач на едно неодамнешно истражување за обемот на хибридизацијата помеѓу коралните риби што се појавува на Сокотра.
Архипелагот се наоѓа во средината на еден од геолошки и океанографски најпроменливите региони. Приближно 1.135 километри западно, се наоѓа Црвеното Море, каде морското ниво се покачувало и спуштало и по стотици метри во последните две милиони години, предизвикувајќи големи промени во соленоста и температурата. На оддалеченост од околу 630 километри североисточно, се наоѓа јужниот брег на Оман, чии морски живеалишта се подложни на драстични температурни флуктуации и начин на исхрана. Од мај до септември, Сомалијската струја носи наплив на ладна вода богата со храна по должината на јужниот брег на Сокотра, но од октомври до февруари, струјата го менува правецот носејќи топли температури на северниот брег. На тој начин архипелагот добива ларви од различни еколошки извори и има потенцијал да биде живеалиште на видови кои инаку живеат во многу различни делови од светот.
Вкрстувањето на водите од Црвеното Море, Арапското Море и западниот Индиски Океан, им овозможуваат на гребените на Сокотра многу повисоко ниво на биодиверзитет од повеќето други делови од Аденскиот залив, но за разлика од копнените видови, само неколку се уникатни за Сокотра. Но, иако морските живеалишта не содржат уникатни видови, тие се сепак посебни токму поради хибридизацијата.
Но, во последните 20 години има само мал број на истражувања за коралните риби во таа област и во ниедна од нив не се земени примероци од ткивата за генетски да се одреди хибридизацијата. Затоа истражувачите морале да соберат нови примероци за да ја тестираат нивната хипотеза. Тие работеле на седум различни локации на островот Сокотра, на длабочина од 0 до 25 метри за да откријат потенцијални хибриди.
Истражувачите откриле неколку видови кои се последица на спојување на различни видови и вкупно седум можни хибридни вкрстувања од четири различни фамилии на риби. Вкупно биле собрани 25 единечни хибриди за генетска анализа, но биле надгледувани многу повеќе хибридни единки. Повеќето од вкрстувањата биле помеѓу ендемските видови од Црвеното Море и Аденскиот залив и од видовите што се широко распространети во Индискиот Океан. Во шест од седум случаи, родителските видови биле екстремно ретки. Генетската анализа ја потврдила хибридизацијата кај четири од нив, додека за останатите три не била доволно убедлива.
Хибридите што истражувачите ги откриле ја поддржуваат идејата дека уникатната поставеност на Сокотра на работ на различни водени маси, допринесува за високиот степен на хибридизација што тука се среќава. Но тие откриле хибриди помеѓу различни видови риби кои се преклопуваат и надвор од Сокотра, што покажува дека веројатно постојат и други аспекти на коралните гребените на Сокотра, кои ја промовираат хибридизацијата.
Иако седум видови хибридни риби не изгледа многу, важно е да се нагласи дека истражувачите ги тестирале само оние кои биле визуелно слични; многу од хибридните видови е тешко да се забележат. Покрај тоа, тие нуркале само пет дена.
„Нашите прелиминарни истражувања опфатија само 1% од коралните гребени на Сокотра, на само еден од четирите острови. Не се истражени живеалиштата под 26 метри длабочина, односно истражени се само 83 од вкупно 630-те видови на морски риби на Сокотра“- велат истражувачите во заклучокот од истражувањето.
Политиката, сиромаштијата, па дури и пиратите, претставуваат закана за извонредниот биодиверзитет на Сокотра, но за среќа владата презема мерки за заштита на своите морски ресурси.
„Сокотра претставува светла точка во инаку мрачниот регион“- вели Ди Батиста. Тој се надева дека ќе може да се врати и да продолжи со истражувањата на прекрасните корални гребени на оваа земја.
Истражувањата требало да продолжат минатата година, но патот бил одложен поради политичката состојба во регионот.