Може ли да го процените мажот по прстите?

Мажите што имаат краток показалец, а долг четврти прст, во просек многу подобро се однесуваaт со жените. Според истражувачите од Универзитетот МекГил, овој неочекуван феномен се должи на хормоните на кои овие мажи биле изложени во утробата на мајката. Наодите можат да помогнат да се објасни зошто овие мажи имаат тенденција да имаат повеќе деца. Ова истражување ја покажува врската помеѓу биолошките настани за време на фетусниот период и однесувањето во подоцнежниот живот.

Кај мажите, генерално показалецот е пократок од четвртиот прст. Таа разлика кај жените е помалку изразена. Претходни истражувања покажале дека соодносот на прстите  – што се дефинира како должината на вториот прст поделена со должината на четвртиот прст – е индикатор за количината  на машки хормони – главно тестостерон – на кои е изложен фетусот; помал сооднос – повеќе машки хормони. Истражувањето на Универзитетот МекГил, покажува дека ова има влијание на тоа како ќе се однесуваат возрасните мажи, особено со жените.

Насмевки и пофалби

И претходно се правени истражувања со цел да се процени врската  на соодносот на прстите и однесувањето на возрасните лица. Ова е прво истражување кое покажува како должината на прстите влијае на однесувањето во зависност од полот на лицето со кое комуницирате.

„Кога се во друштво со жени, мажите со помал сооднос на прстите, поверојатно е дека ќе ги слушаат со внимание, ќе се смеат и ќе им делат комплименти. На ист начин се однесуваат и во сексуалните релации, но и со жените пријателки и со колешките. Овие мажи исто така, помалку се расправаат со жените отколку со мажите, додека мажите со поголем сооднос на прстите подеднакво се расправаат и со мажите и со жените. Кај жените пак, варијациите на овој сооднос се чини дека не се индикатор за тоа како тие ќе се однесуваат“ – велат истражувачите.

Соодносот на прстите и децата

Претходни истражувања покажале дека мажите со помал сооднос на прстите имаат повеќе деца. „Нашето истражување покажува дека овие мажи имаат похармонични релации со жените; ваквото однесување придонесува да се  создаваат и да се одржуваат  ралациите со жените. Ова може да објасни зошто овие мажи во просек имаат повеќе деца“- истакнуваат истражувачите.

Изненадувачки, истражувањето не покажало статистички значајна поврзаност помеѓу соодносот на прстите и доминантното однесување. Истражувачите предлагаат понатамошни истражувања на специфични ситуации каде машката доминација варира – како што се компетитивните ситуации со други мажи – за да се види дали може да се утврди поврзаност.

Истражувањето е објавено во „Personality and Individual Differences“.

 

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусијата на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

Поддржете ја нашата работа: