Можеме ли да го спречиме заборавањето?

Истражувачите можеби се на прагот на откривање на ефикасен начин како да го спречат губитокот на меморијата кај луѓето како резултат на стареењето.

Новата надеж доаѓа од серија испитувања вршени на глувци, каде што е откриен протеин кој предизвикува оштетувања на меморијата, кога ќе се наталожи во крвта и цереброспиналната течност. Истражувачите покажале дека овој протеин што се нарекува „beta 2-microglobulin (B2M)“ влијае на тоа како глувците ги извршуваат тестовите за меморија.

Веќе се работи и на изнаоѓање на лекови кои ќе го отстранат или уништат „B2M“, што на истражувачите ќе им овозможи да тестираат дали истото важи и за луѓето.

Засега идејата е да се развијат антитела или мали молекули што или ќе го блокираат дејството на протеинот, или ќе го отстранат од крвта кај старите лица“- вели Саул Виледа од Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско.

Ова истражување на Виледа и неговиот тим, што е објавено во „Nature Medicine“, е прво детално испитување на таканречените „анти-еликсир“ фактори, со други зборови оние фактори што се зголемуваат со стареењето и ги предизвикуваат дегенеративните промени во мозокот.

Главната улога на „B2M“ е да му помогне на имуниот систем да направи  разлика помеѓу надворешните клетки и оние од телото, но исто така игра улога и во развојот на нервниот систем.

Кога истражувачите го инјектирале овој протеин во мозокот или во крвта на млади глувци, тие покажале исти лоши резултати на тестовите, како и старите глувци. Откако молекулата била природно исфрлена од телото, после околу 30 дена, способностите на животните се вратиле во нормала, што покажува дека ефектите од „B2M“ се реверзибилни.

Некои од глувците биле генетски модифицирани да не можат да создаваат„B2M“. Тие животни не покажале намалување на своите способности, без оглед колку биле стари.

Повеќето досегашни истражувања во врска со процесот на стареење биле фокусирани на „еликсир“ факторите, или тие што ја враќаат изубената младост. Но веројатно, најдобри резултати во борбата против стареењето ќе се постигнат со комбинирање на еликсир факторите и лекови кои ги неутрализираат факторите кои го промовираат стареењето, како што е „B2M“.

Поддржете ја нашата работа: