Покрај тоа што се досадни и нивното зуење е иритирачко, мувите се и прилично опасни бидејќи носат голем број на болести. Оние инсекти кои ние ги нарекуваме „муви“ припаѓаат на групата „Diptera“ која содржи најмалку 110 илјади видови. Големата разновидност значи дека некои муви се навистина сектакуларни. Две групи – „Mydidae“ и „Pantophthalmidae“ се борат за титулата најголемите муви на светот.
Мувите од групата „Mydidae“ се познати и како „Mydas flies“. Се наоѓаат насекаде низ светот, но најмногу на топлите предели со грмушеста вегетација. Во оваа група постојат околу 400 видови. Најголемиот вид е „Gauromydas heros“ кој може да расте до 7 см. во должина.
Не се знае многу за нивниот начин на живот. Возрасните мажјаци се хранат од цвеќињата, најверојатно од нектарот. Но, ларвите на „G. heros“ се предатори. Живеат во близината на мравки и се хранат од ларвите на другите инсекти кои ги јадат отпадоците од мравките. Женките ги положуваат своите јајца во близина на мравјалниците, а мажјаците ја бранат таа територија.
Мувите од групата „Pantophthalmidae“ се познати и како „timber flies“. Живеат во Централна и Јужна Америка, од Мексико на север до Бразил и Парагвај на југ. Женките ги положуваат јајцата на дрва, а потоа ларвите си го ископуваат патот до внтрешноста. Поради тоа имаат развиено големи мандибули. Најверојатно се хранат со ферментираниот сок во срцето на гнилото дрво и може да останат таму со месеци, додека полека растат. Им треба долго време да пораснат (најверојатно поради тоа што јадат таква лоша храна), но кога ќе станат возрасни, тие се огромни. Најголемите примероци што научниците ги имаат се околу 8 см. само од главата до стомакот. Ова дефинитивно ги надминува мувите „Mydidae“.
Возрасните муви од овој вид живеат само неколку недели. Најверојатно воопшто не јадат и имаат недоволно развиена уста. Не се движат многу, летаат само ако некој ги вознемири. Изгледа се прилично срамежливи и изолирани и тешко може да се најдат. Прават само две нешта – се парат и положуваат јајца. И покрај застражувачката големина, тие се безопасни.
И додека ни се чини дека мувите „Pantophthalmidae“ се најголемите муви на светот, постои уште една мува кран или „Holorusia brobdignagius“ која има многу долги нозе. Според научникот Марк Карвардин, во неговата книга „Animal Records“, доколку и ги раширите и исправите нозете достигнува големина од 23 см. Ваше е да одлучите дали тоа ја прави достоен кандидат за титулата.