Неверојатните фотографии на црните дупки кои постојано ги гледаме се всушност само наши најдобри претпоставки за тоа како тие навистина би изгледале, со оглед на тоа дека се наоѓаат на огромни далечини од Земјата и се речиси целосно невидливи за нас.
За среќа, физичарите не се откажуваат и сега тим на физичари од МИТ и Харвард разви нов алгоритам кој би можел да им помогне да ја направат првата слика на црна дупка.
„Да се направи слика од црната дупка во центарот на нашата галаксија е исто како да се направи слика од грејпфрут на Месечината, но со радио телескоп“, објаснува главниот истражувач Кејти Боуман.
„За да се слика нешто толку мало потребен е телескоп со дијаметар од 10.000 километри, што не е практично бидејќи дијаметарот на Земјата не е ни 13.000 километри. Со други зборови, потребен е телескоп поголем од Земјата за да се видат црните дупки на истиот начин како што ги гледаме ѕвездите и планетите. А тоа не е возможно“.
Затоа научниците развиле алгоритам кој во суштина ги спојува податоците од радио телескопите низ светот за да создаде една кохезивна слика на црна дупка – проект познат како „Event Horizon Telescope“.
Така, наместо да се гради телескоп поголем од Земјата за да се види црна дупка, всушност Земјата се претвора во еден вид на џиновска антена преку поврзување на сите радио телескопи низ светот.
Научниците ќе го претстават својот план на 27 јуни, на конференција во Лас Вегас, а потоа останатите истражувачи ќе можат да ги проверат нивните пресметки. Ако нивните претпоставки се точни, може да очекуваме да ја видиме првата слика од црна дупка во текот на наредната година.