Веројатно најголемата пречка е потребата за флексибилна диода која ќе го детектира и модулира сигналот на мобилниот телефон. Диодата мора да работи со висока брзина за да одговара на фреквенциите на пренос кои ги користи безжичната комуникација, „bluetooth“, „wi-fi“ и „GPS“ сигналите (кои се движат од 935 MHz до 5 GHz).
Тим на истражувачи, предводен од професорот Аимин Сонг од Универзитетот во Манчестер, Велика Британија, во соработка со Универзитетот Шандонг во Кина, развиле флексибилна диода која постигнува брзина од 6,3 GHz, што ја прави најбрзата диода досега.
„Флексибилната диода со ваква брзина е последното делче од сложувалката, кое е потребно за да се направат флексибилни мобилни телефони и електронски уреди за носење“, вели Сонг.
Во новото истражување, истражувачите ја произвеле диодата со помош на флексибилен полупроводнички филм – индиум- галиум – цинк – оксид (ИГЦО). Нејзината брзина ја демонстрирале со обработка на флексибилни супстрати на ниска температура, што досега не беше постигнато.
Една од клучните карактеристики за изработката било контролирањето на дебелината на ИГЦО за да се оптимизира ефикасноста. Истражувачите очекувале дека најдебелите слоеви ќе постигнат најдобри резултати, но всушност исходот бил обратен. Тие успеале да ја оптимизираат ефикасноста со ИГЦО слој дебел 80 nm. Веќе се изработени вакви ИГЦО транзистори кои работат на фреквенции над 100 MHz, а сега, ваквата диода која е доволно брза за примање и модулирање на сигналите ќе ги доближи флексибилните мобилни телефони до пазарот. Оваа диода е значајна компонента на следната генерација на телефони.
„Нашите идни истражувања ќе се фокусираат на интеграција на брзи диоди и транзистори на голем број кола, па дури и едноставни системи, за да го демонстрираме неверојатниот потенцијал на електрониката со тенок флексибилен филм“, вели Сонг.
Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.