Наскоро сите ќе може да го посетиме Марс – преку виртуелна реалност

Проектот „Искуство на Марс 2030“ е соработка помеѓу НАСА, каналот за дигитални вести „Fusion“ и лабораторијата за вселенски системи на МИТ, кој ќе дебитира во март на фестивалот „South by Southwest“ кој се одржува во Тексас секоја година. Овој проект ќе овозможи виртуелно искуство на Марс кое ќе биде засновано на податоците кои НАСА досега ги има за планетата, при што корисниците ќе можат и да учествуваат во мини-мисии.

Виртуелната реалност, со извонредната визуелизација и звук, претставува совршената технологија за истражување на различни делови од нашата планета, како и поширокиот Универзум, без да мора да се патува до таму. Виртуелната реалност постои веќе подолго време, но во теков на последниве неколку години хардверот и софтверот станаа доволно моќни за да создадат навистина реално искуство преку очила и слушалки со прифатливи цени за потрошувачите. Овој проект, покрај виртуелните слушалки и очила, ќе биде достапен и преку апликација за „iOS“ и „Android“.

Виртуелната реалност веќе се користи при обуката на астронаутите и симулациите на вселенските летала, па логично е овој успешен модел да се продолжи за на волшебен начин да ја инспирира и едуцира следната генерација на истражувачи и научници, изјавуваат од НАСА.

Може да се каже дека 2016 година ќе биде година на виртуелната реалност, со оглед на тоа што „Oculus“, „HTC“ и „Sony“ најавија дека во текот на следниве 12 месеци ќе пуштат во продажба сет очила и слушалки за виртуелна реалност.

Поддржете ја нашата работа: