Сер Александар Флеминг (6 август 1881 – 11 март 1955) е шкотски биолог и фармаколог. Напишал многу статии за бактериологијата, имунологијата и хемотерапијата, но е најпознат по откривањето на ензимот лизозим во 1923 година, и по откривањето на бензипеницилинот од габата „Penicillium notatum“ во 1928 година за кое добил Нобелова награда во 1945 година заедно со Хауард Флори и Ернст Борис Чејн.
Неговото откритие на пеницилинот го обележува почетокот на современите антибиотици и го променило светот на современата медицина – пеницилинот спасил и сè уште спасува милиони луѓе.
Роден е на 6 август 1881 година во Локфилд, Шкотска. Тој бил третото од вкупно четири деца на Хју Флеминг. Во 1901 се запишал на Медицинскиот факултет „Сент Мери“ во Падингтон кој го завршил со почести. Најпрво станал асистент на на Сер Алмрот Рајт – пионер во терапијата со вакцини и имунологијата, а потоа добил диплома и самиот предавал во „Сент Мери“. За време на Првата светска војна, Флеминг и многу негови колеги работеле во болниците на бојните полиња на западниот фронт во Франција. По војната, тој активно барал антибактериски агенси, поради тоа што видел многу војници како умираат од сепса како последица на инфицирани рани. Во 1928 година, бил избран за професор по бактериологија на Универзитетот во Лондон, а во 1951 за ректор на Униоверзитетот во Единбург. Во 1944 година бил прогласен за витез.
По откривањето во 1928 година, Флеминг продолжил да го истражува пеницилинот се до 1940 година кога неговата работа ја продолжиле Флори и Чејн. Токму поради тоа, тој бил скромен за својот удел во развојот на пеницилинот и ги фалел Флори и Чејн затоа што својата лабораториска љубопитност ја претвориле во практичен лек. Но, Флеминг е тој што прв ги открил својствата на активната супстанција и ја имал привилегијата да ја нарече „пеницилин“.
Тој исто така многу рано открил дека кога се користи премалку пеницилин или пак кога се употребува за прекраток период, бактериите развиваат отпорност на антибиотици.
Починал ненадејно во 1955 година од срцев удар, во својот дом во Лондон. Добива многу почести и награди. Лабораторијата каде што го открил пеницилинот е претворена во музеј. Астероидот „91006 Fleming“ е именуван по него.