Антоан Лавоазје (26 август 1743 – 8 мај 1794) бил француски научник и математичар. Се смета за „татко на современата хемија“. Тој ги дал имињата на кислородот (1778) и водородот (1783) и ја открил улогата којашто кислородот ја има во процесот на согорување. Помогнал во создавањето на метричкиот систем, ја напишал првата голема листа на елементи и помогнал да се реформира хемиската номенклатура. Го предвидел постоењето на силициумот (1787) и бил првиот кој утврдил дека сулфурот е елемент, а не соединение (1777). Исто така, открил дека иако материјата може да ја промени својата форма, масата секогаш останува иста.
Бил роден на 26-ти август 1743 година, во богато семејство во Париз. Наследил големо богатство на 5-годишна возраст по смртта на мајка му со што му се овозможило добар развој и образование. Уште од рана возраст пројавувал интерес за хемија, астрономија и математика. Дипломирал право, но никогаш не работел како правник, туку продолжил со научни истражувања.
Лавоазје бил моќен член на голем број аристократски совети, како и администратор на „Ferme Générale“ – една од најомразените компоненти на античкиот режим, поради парите кои ги земала од народот на сметка на државата, тајноста на нивните договори и насилството на нивните вооружени лица. Овие политички и економски активности му овозможиле да ги финансира своите научни истражувања.
Својата социјална и економска положба ја консолидирал кога во 1771 година се оженил со Мери-Ен Пјерета Ползе, 13 годишна ќерка на висок член на „Ferme générale“. Таа имала голема улога во неговата научна кариера – преведувала документи од англиски јазик, му помагала во лабораторијата и цртала скици на лабораториските инструменти кои Лавозаје ги користел при своите експерименти.
Во екот на Француската револуција, бил обвинет дека продавал нечист тутун, дека го ограбил народот и Франција, и дека ги снабдувал непријателите на Франција со огромни суми на пари од националниот трезор. Бил осуден и погубен на 8-ми мај 1704 година во Париз, на 50-годишна возраст. Една и пол година по неговата смрт, бил ослободен од обвинението од страна на француската влада.