Научник на денот: Марија Кири Склодовска

Марија Кири Склодовска (7 ноември 1867 – 4 јули 1934) е полски (и натурализиран француски) физичар и хемичар – пионер во областа на радиоактивноста. Таа е првата жена која добива Нобелова награда, а воедно и првата која ја добила два пати – прв пат во 1903 година за достигнувањата во областа на радиоактивноста (откривањето на два нови елементи – полониум и радиум), и втор пат во 1911 година за изолирање на радиумот, со што всушност е и едниствениот добитник на Нобелова награда во две различни области – физика и хемија. Таа исто така е и првата жена која станала професор во Сорбона – Универзитетот во Париз.

Родена е во Варшава, Полска која тогаш се наоѓала под руска власт. Нејзиното детство било тажно, обележано со смртта на својата сестра, а по четири години и на својата мајка. Во 1891 година, на 24 годишна возраст, со финансиска помош од својата постара сестра, се преселува во Франција за да студира природни науки во Париз. Таму ги добива сите свои универзитетски дипломи и ја развива својата научна кариера, со што станува натурализиран граѓанин на Франција.Се запознава со Пјер Кири и на 26 јули 1895 година се венчаат. Во 1903 година, докторира на Високата школа за индустриска физика и хемија во Париз, како прва жена – доктор на науки во Франција.

Основач е на институтите „Кири“ во Париз и во Варшава, кои денес се’ уште претставуваат главни истражувачки центри. Умира на 4 јули 1934 година од апластична анемија како последица од прекумерното озрачување во текот на нејзината работа (тогаш штетните ефекти од радијацијата не биле доволно познати). Имено, често пати, по џебовите носела стаклени садови полни со радиоактивни изотопи, а знаела да зборува и за „прекрасната синозелена светлина што ја оддавале металите во мрак“.

По смртта, била погребана на истите гробишта каде што почивал нејзиниот маж. 60 години подоцна, во 1995 година, во чест на нивните достигнувања, посмртните останки од двајцата биле префрлени во Пантеонот во Париз, помеѓу најславните личности од француската историја. И, повторно, Марија Кири е првата жена погребана во Пантеон, во знак на признание за нејзиното дело.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt