Научниците детектираа гравитациони бранови по втор пат

Еден од најголемите моменти во скорешната историја беше кога интернационален тим од научници објави дека направиле директна опсервација на гравитациони бранови за прв пат откако Ајнштајн го предвиде нивното постоење пред едно столетие.

Сега, четири месеци подоцна австралиски научници објавија второ вакво достигнување. Тие директно детектирале гравитациони бранови предизвикани од судир на две црни дупки со големина до 14 пати поголеми од нашето Сонце.

„Со ова се зацврстува ерата на астрономијата на гравитационите бранови. Ова покажува дека ќе имаме постојан прилив на податоци што ќе ни овозможи да мапираме многу поголем дел од Универзумот, од она што сме го виделе претходно“- вели Сузан Скот, астрофизичар од Австралискиот Национален Универзитет во Канбера.

Скот и нејзиниот тим извршиле анализа на податоците добиени од детекторите на опсерваторијта „LIGO“ во САД. Тоа се истите детектори со кои на 14 септември 2015 година беа забележани знаците од историските гравитациони бранови, пред да бидат анализирани и објавени во февруари.

На 26 декември 2015 година, австралиските научници успеале да забележат две црни дупки кои орбитираат околу себе 27 пати во последната секунда пред да се судрат. Сигналите од експлозијата предизвикана  од овој судар биле 10 пати подолги од првите гравитациони бранови, така што научниците конечно добиле можност да ги анализираат.

Тие констатирале дека овој судир всушност се случил пред 1, 4 милијарди години, во галаксија толку далечна што брановите дури сега стасале до нас.

Гравитационите бранови се предвидени од Ајнштајн во 1916 година и претставуваат  закривеност на простор-времето што се придвижува како бранови кои потекнуваат од најексплозивните случувања во Универзумот, како што се експлодирањето на ѕвездите или спојувањето на црните дупки. Во моментот кога овие бранувања ќе допрат до Земјата тие се многу мали – се работи за околу еден  милијардити дел од дијаметарот на атомот.

Самиот Ајнштајн предвидувал дека луѓето никогаш нема да можат да ги детектираат, со оглед на тоа колку се минијатурни овие сигнали. Сѐ до опсервациите од „LIGO“, научниците ги базираа своите истражувања за настаните во Универзумот на електромагнетните опсервации што нашите инструменти можат да ги детектираат, како што се емисиите на видливата светлина, радио брановите и Х-зраците.

Можноста со сигурност да се детектираат и гравитационите бранови значи и сосема нов начин да се „видат“ и да се измерат објектите и случувањата  во вселената што не опкружува.

Астрономијата на гравитационите бранови ќе го револуционизира нашето познавање за Универзумот, истакнуваат научниците.

Наодите од анализите се објавени во „Physical Review Letters“.

Поддржете ја нашата работа: