Научниците мислат дека постои уште еден универзум каде времето се движи наназад

Два одделни тимови на физичари го испитувале текот на времето во универзумот и предлагаат дека пред околу 14 милијарди години, Големата Експлозија (Биг Бенг) предизвикала создавање на втор инверзен универзум, кој го нарекуваат универзум-огледало, каде што времето се движи во спротивна насока, односно наназад наместо нанапред.

Во суштина, доколку ние го гледаме времето во универзумот-огледало, ќе го гледаме како се движи наназад – од иднината кон минатото, но од перспективата на тој универзум изгледа како нашето време да се движи наназад, објаснуваат научниците.

„Времето не е нешто што постои од претходно“, вели Џулијан Барбор, еден од физичарите од Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија. „Мораме да ја определиме насоката и текот на времето во зависност од она што се случува во универзумот. Кога ова го гледаме на тој начин, нормално е да кажеме дека времето почнува во таа централна точка и се движи во двете спротивни насоки“.

Физичарите со децении дебатираат околу фактот дека никој од фундаменталните закони на физиката кои владеат во универзумот не вели дека е времето мора да се движи нанапред.

„Без разлика дали се работи за гравитацијата на Њутн, електродинамиката на Максвел, општата и специјалната релативност на Ајнштајн или пак електродинамиката, сите равенки кои најдобро го опишуваат универзумот одговараат и за двата случаи – кога времето тече напред и назад“, објаснуваат научниците.

Уште во 2014 година, Џулијан Барбор и неговите колеги објавија труд во кој велат дека насоката на времето е регулирана од гравитацијата, наместо термодинамиката. Тие направиле наједноствна симулација на универзумот, односно компјутерска симулација на 1.000 честички, кои биле контролирани со Њутновата гравитација, и откриле дека, благодарение на гравитацијата, честичките имале многу мало растојание меѓу нив. Потоа, честичките се ширеле наназад и нанадвор во различни правци, што укажува на тоа дека времето би можело да се движи нанапред и наназад во вистински мултиверзум.

Сега, двајца други физичари – Шон Карол од Калифорнискиот институт за технологија и Алан Гут од МИТ, користеле различен модел на честички, а добиле слични резултати. Тие допрва треба да ги објават резултатите од својот модел и признаваат дека се’ уште има многу ограничувања кои треба да се објаснат, но заедно со работата на другиот тим, со сигурност може да се каже дека не бил создаден само еден универзум од почетокот на времето.

Поддржете ја нашата работа: