Научниците открија хормон што го стопира стареењето

Научниците откриле дека со употреба на еден машки хормон можат да го спречат старењето на клетките. Ова потенцијално може да понуди нов начин за третирање на бројни состојби кои се последица на деградацијата на клетките.

Истражувачите од Бразил и САД со помош на стероидот „даназол“ – машки синтетички хормон, успеале да ја стимулираат продукцијата на ензимот наречен теломераза, за кој веќе се знае дека ги одржува клетките млади со тоа што го спречува скратувањето на  нивната ДНК. Ова се овозможува преку стопирање на дегенерацијата на теломерите – или „капачињата“ што се наоѓаат на краевите на хромозомите (на сликата погоре прикажани со црвено).

„Секој пат кога клетката се дели, теломерите се скратуваат. Со време, тие не се веќе во состјба да се реплицират и умират или стануваат стари (биолошко стареење). Меѓутоа, теломеразата може да ја одржува должината на теломерите непроменета и после делбата на клетката“- објаснува Родриго Каладо, еден од истражувачите од Универзитетот во Сао Паоло, Бразил.

Претходни истражувања покажаа дека стареењето на клетките може да се стопира преку зголемување на теломеразата, која претставува природен продукт на клетките кои постојано се делат – како што се матичните клетки од кои се формираат крвните зрнца. Нејзиниот недостаток може да предизвика оштетување на внатрешните органи и да го зголеми ризикот од појава на рак.

За потребите на истражувањето, на 27 учесници кои боледувале од апластична анемија (предвремено стареење на клетките од коскената срцевина), предизвикана од мутација на  генот теломераза, им бил препишан даназол, за период од две години. Во текот на овој период луѓето губат обично околу 100 до 200 од базните парови на теломерите, но луѓето кај кои постои недостаток од теломераза може да изгубат од 200 до 600 базни парови. Под дејство на новиот третман, не само што се стопирало скратувањето на теломерите во клетките на учесниците, туку и се зголемиле во просек за 386 базни парови. Покрај тоа, дошло и до зголемување на хемоглобинот, што значи дека учесниците веќе не биле зависни од трансфузија на крв.

Ова истражување докажува дека со земање на овој хормон може по потреба да се  генерира теломераза, со што и кај живи луѓе се потврдуваат резултатите што претходно беа добиени во лабораториски услови.

Врз основа на овие резултати би можеле да се развијат нови третмани за состојбите како што се апластичната анемија и белодробната фиброза, истакнуваат истражувачите. Сепак, развојот на новите третмани треба да се одвива со внимание, со оглед на тоа дека овие хормони може да имаат значителни несакани ефекти меѓу кои промени во расположението, замор и проблеми со дигестивниот систем.

Меѓутоа, сознанието на кој начин може да се бориме со еден од факторите кои се причина за стареењето ќе биде од големо значење за сите идни истражувања.

Можеби сѐ уште не сме нашле начин да живееме вечно, но  ова откритие ќе помогне многумина од нас да живеат подолг и поздрав живот.

Наодите од истражувањето се објавени во „New England Journal of Medicine“.

Поддржете ја нашата работа: