Научниците открија жаби поотровни од змиите

Постојат голем број на отровни жаби, односно жаби кои содржат токсини во нивната кожа и поради тоа се сметаат за отровни. Но, научниците открија два нови вида на жаби кои се отровни на поинаков начин, односно содржат токсини и имаат остри боцки на лицето за да ги инјектираат токсините во друго животно, или во случајов човек. Ова е прв ваков случај забележан кај жаби (кои го инјектираат отровот преку убод, како пајаците и змиите).

Додека научниците истражувале во џунглата во близина на југозападниот брег на Бразил, еден од нив – Карлос Џаред од Институтот Бутантан во Сао Паоло, Бразил, земал една мала зелена жаба од фамилијата „Hylidae“ кога одеднаш почувствувал убод и ужасна болка која траела 5 часа. Потоа, научниците пронашле уште една слична жаба, но овојпат не ја земале.

Откриле дека и двете жаби имаат отровни боцки, едната на главата, другата на телото, и кога некое животно ќе ги нападне, ја контрахираат кожата и излегуваат боцките, натопени во отров кој го излачуваат жлезди во кожата. Притоа, забележале едно невообичаено однесување за жабите – тие се затресувале за боцките успешно да се забодат и да го ослободат отровот.

Се работи за видовите „Aparasphenodon brunoi“ и „Corythomantis greeningi“ кои одамна им се познати на научниците, но досега не знаеле ништо повеќе за нивниот начин на живот. Затоа ова откритие има особена важност – го зголемува нашето разбирање за биологијата на водоземците и обезбедува краток поглед во некои од нивните интеракции со предаторите во дивината.


Во понатамошните испитувања, научниците откриле дека отровот од двете жаби е многу силен и смртоносен. Само еден грам отров од „A. brunoi“ може да убие повеќе од 300.000 глувци или околу 80 лица. Со други зборови, отровот е 25 пати помоќен од оној на змиите од родот „Bothrops“, додека отровот на „C. greeningi“ е дури два пати помоќен. Но, змиите имаат многу поефикасен систем на пренесување на отровот – долги шупливи заби, па научниците сметаат дека иако отровот е многу посилен, кај жабите се пренесува во многу помали количини.

Овие два вида на жаби не се меѓусебно поврзани, па научниците сметаат дека и други жаби може да еволуирале на овој начин.

Ова претставува досега најтемелното истражување на отровни водоземци кое истовремено ни служи како потсетник за тоа уште колку многу имаме да учиме за жабите. Истражувањето е објавено во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: