Во видеата подолу може да забележите мала точка светлина на десната страна на Јупитер. Можеби ќе ви изгледа незначително, но експлозијата што следи е невообичаено силна. Научниците потврдија дека се работи за небесно тело кое се судрило со Јупитер.
Еден аматер астроном од Австралија го снимил настанот со својот 20-сантиметарски телескоп.
Но бидејќи малата светлина би можела да е резултат на некој технички проблем, за да го потврдат судирот научниците искористиле уште едно видео направено во Ирска со 28-сантиметарски телескоп.
Кога ќе се земе предвид големината на планетата (во нејзината внатрешност би можеле да се сместат 1.321 Земји), одеднаш таа мала светлина и не изгледа толку мала. Најверојатно мислите дека небесното тело би требало да е големо за да предизвика таков удар. Па, не баш.
Фил Плејт од „Bad Astronomy“ вели дека астероидот или кометата која го погодила Јупитер најверојатно изнесувала само неколку стотини километри во дијаметар. Но, кога се работи за вакви судири, големината на телото што удира не е толку важна како масата на телото што е удрено.
Тој објаснува: „Просечно (ако ја игнорираме орбиталната брзина), еден објект ќе го удри Јупитер со околу 5 пати поголема брзина од онаа со која би ја удрил Земјата, што значи дека енергијата при судирот е 25 пати поголема. Астероидот над Челјабинск, Русија, во 2013 година изнесуваше 19 метри во пречник и експлодираше со енерија еднаква на 500.000 тони ТНТ. Помножете го тоа со 25 и ќе видите дека не е потребно голема карпа да го удри Јупитер за ние тоа да го видиме од Земјата“.
На тие огромни брзини, удирањето во атмосферата е еднакво на удирање во ѕид. Јупитер постојано го удираат астероиди. Сега едноставно повеќе го забележуваме тоа, благодарение на напредокот на технологијата.