Еден психолог од Италија открил дека непрекинатото гледање директно во очи предизвикува изменета состојба на свест.
Во експериментот, спроведен од психологот Џовани Капуто од Универзитетот во Урбино, биле вклучени 20 волонтери (од кои 15 биле жени) кои седеле во пар, на оддалеченост од 1 м. во затемнета просторија и се гледале директно во очите во рок од 10 минути. Осветлувањето во просторијата било доволно за волонтерите да ги распознаваат цртите на лицето, но не и боите.
Потоа, била вклучена и контролна група од уште 20 волонтери кои исто така требало да се гледаат директно во очи, во затемнета просторија, но позади нив имало бел ѕид. Потоа требало да пополнат прашалник во врска со тоа што го виделе и доживеале за време на експериментот.
Резултатите покажале дека непрекинатото гледање во очи има длабоки ефекти на визуелната перцепција, како и на менталната состојба на поединците. Волонтерите од прата група изјавиле дека звуците им станувале потивки или погласни и дека чувствувале како времето поспоро да поминува. 90% од нив изјавиле дека виделе како лицето на личноста спроти нив се деформира, 75% изјавиле дека виделе чудовиште, 50% дека виделе делови од своето лице на лицето на другиот и 15% дека го виделе ликот на некој свој роднина.
Овие резултати го потсетиле Капуто на резултатите што ги добил при сличен експеримент во 2010 година, кога 50 волонтери се гледале себеси во огледало, во период од 10 минути. И тогаш волонтерите изјавиле дека гледаат деформации на своето лице, дека ги гледаат лицата на своите живи или починати родители, дека гледаат лик на стара жена или на дете, портрет на некој предок, па дури и чудовишта. Но, Капуто вели дека ефектите од сегашниот експеримент се посилни од оние на експериментот од 2010 година.
Па, што всушност се случува?
Најверојатно се работи за адаптација на нервите, односно успорување на невроните како одговор на непроменлива стимулација. Истото би се случило доколку зјапате во било што или било кој – вашата перцепција ќе избледува се додека да трепнете, па потоа сцената ќе се смени. Научниците го опишуваат како дисоцијативна состојба поради сензорна депривација.