Ниските мажи се подобри партнери?

Висок, црн и згоден – ова е популарниот опис на совршениот маж за повеќето жени. Предводени од сензационалниот изглед на холивудските ѕвезди, како на пример Џорџ Клуни или Дејвид Бекам, жените ги сакаат овие мажи поради физичката привлечност.

Но, науката вели дека пониските црни и згодни момци, како на пример Том Круз, се подобри партнери во животот.

Според едно неодамнешно истражување (кое се’ уште не е рецензирано), пониските мажи имаат поголеми приходи и поголема веројатност да останат моногамни, со што претставуваат подобар избор за дечковци и сопрузи.

Ниските мажи се стигматизирани во општеството. Во психата на многу жени е вградена културната визија дека повисоките мажи се физички доминантни и се нивни потенцијални заштитници, со што се создаваат „предрасуди“ за пониските мажи.

За да го испитаат ефектот на височината на мажите кај различни долгогодишни врски, истражувачите ги разгледувале податоците од една студија за динамиката на приходите, која всушност претставува проект на Универзитетот од Мичиген кој вклучува демографски податоци за 5.000 фамилии за речиси 50 години.

Конкретно тие ги разгледувале врските на 3.033 двојки, каде мажите биле на возраст од 23 до 45 години и со висина од 140 до 213 сантиметри.

Резултатите покажале дека ниските мажи имале помала веројатност за развод, повеќе ја делеле домашната работа со своите жени и повеќе заработувале. Но, тие имале 18% помали шанси за да стапат во брак, во споредба со мажите со просечна висина. Истражувачите сметаат дека тоа може да се должи на фактот што општеството ги смета за помалку мажествени. Меѓутоа, кога тие ќе пронајдат партнер, шансите за развод се за 32% помали во споредба со просечните и високите мажи.

Исто така, 79% од ниските мажи заработуваат повеќе пари од своите партнерки, што всушност се спротивставува на претходните истражувања кои покажале дека повисоките мажи заработуваат повеќе.

Истражувачите забележале една константна шема во однос на ниските мажи и нивните партнерки – тие најчесто биле помлади и помалку образовани (дури 21% од мажите биле со жена која не завршила средно училиште, а само 9% биле со постара жена). Ова може да се должи на тоа што ниските мажи најчесто се сметаат за незрели, па еден од начините на кои се справуваат со таа закана е стапувањето во врска или брак со жена која е помлада и помалку образована од самите нив.

Па, можеби е редно време да се промени гледиштето на жените во однос на висината на мажите и да се стави крај на предрасудите за ниските мажи. Што мислите?

Поддржете ја нашата работа: