Нов начин за заштита од штетните зраци на Сонцето

Научниците открија ново соединение коешто одвнатре ги штити клетките на кожата од штетните ефекти на сонцето.

Ова соединение кои ги штити клетките одвнатре, каде што всушност настанува најголемата штета од ултравиолоетовите зраци, нуди досега невидена заштита од рак на кожата, како и од ефектите на стареење на кожата, како брчки, дамки и виснување.

Ултравиолетовите зраци од сонцето ги активираат слободните радикали во кожата (високо активни кислородни молекули), кои потоа предизвикуваат штета на ДНК, клеточните мембрани и протеините. Истовремено, се ослободува железо од митохондриите на клетките, кое го осиромашува снабдувањето со енергија на клетките и предизвикува клетките да произведуваат уште повеќе слободни радикали. Доколку се ослободи многу железо може да дојде до уништување на клетките.

Со други зборови, УВ зраците предизвикуваат клетките да се уништат, што може да доведе до збрчкување и стареење на кожата, како и рак на кожата.

За да се изборат со ова, научниците од Универзитетот во Бат и Кралскиот колеџ во Лондон го развиле соединението наречено „mitoiron claw“ коешто претставува еден вид на хелатор, или соединение кое се врзува со атом на железо. Ова му овозможува да го таргетира железото што се ослободува од митохондриите на клетките и да го спречи ослободувањето на дополнителни слободни радикали.

Додека оваа нова супстанца се фокусира на штетните УВ-А зраци, исто така е потребна заштита од ултравиолетовите Б зраци кои се дури и поризични кога станува збор за рак на кожата.

Затоа, следниот чекор на научниците е да го вклучат ова соединение во веќе постоечките спрејови и креми со УВ-Б заштита. Иако соединението досега е тестирано само на човечки клетки одгледани во лабораторија, научниците проценуваат дека би можело да се вклучи во кремите за три до четири години.

Истражувањето е објавено во „Journal of Investigative Dermatology“.

Поддржете ја нашата работа: