Нова метода за детекција на оштетувања на мостови и армирани објекти

Истражувачите од Универзитетот Тохоку во Јапонија откриле начин како да ги направат видливи скриените оштетувања на челичните жици во преднапрегнат бетон. Тие развиле нов извор на светлина со терахерцена бранова должина, кој има карактеристики и на светлосни и на радио бранови.

Оваа нова технологија е особено корисна кај големите висечки мостови, како и други видови мостови каде што се користат преднапрегнати челични жици кои се скриени во надворешни кабли обложени со смола.

Надворешните кабли се важни конструктивни елементи за дисперзија на оптеретувањето кај висечките мостови и имаат исклучително високо ниво на безбедност кога се работи за корозијата. Ова се должи на фактот дека се обложени со заштитна полиетиленска смола или слични други смоли.

Деструктивните испитувања на мостовите, при кои се отстранува надворешната обвивка од каблите, носат одреден ризик поради можноста внатре да навлезе вода и други форми на влага и да се развие корозија откако ќе биде завршена инспекцијата.

Технологијата развиена од професорот Јутака Ојама и неговиот тим претставува уникатен оптички систем за мерење, кој се состои од дигитален уред како извор на терахерцна светлина и ласерски извор на терахерцна светлина, кои имаат голема способност да пенетрираат низ полиетиленските и сличните смоли. Со ова се овозможува да се добие слика од жиците во внатрешноста, без да се отстранува обвивката од надворешна смола, бидејќи карактеристиките на терахерцните бранови ефикасно ја рефлектираат површината од металот во смолата.

Истражувачите исто така откриле дека за разлика од радиоактивните зраци кои обично се користат при недеструктивни испитувања, новите терахерцни бранови не се штетни за човечкото тело.

Дел од резултатите од истражувањето прв пат се прикажани на конференцијата за ласерска и електро оптика, одржана во Бусан, Јужна Кореја во август 2015 година.

Текстот е преземен од материјалите од Унверзитетот Тохоку.

Поддржете ја нашата работа: