Отров од пајаци како потенцијален лек за мозочен удар

СПОДЕЛИ

Пајаците од фамилијата „Atracinae“ или повеќе познати како Австралиски мрежни пајаци (Australian funnel-web spiders) се едни од најсмртоносните пајаци на светот. Овој отровен предатор може да го чува лекот за оштетувањата на мозокот предизвикани од мозочен удар.

Секоја година околу 5 милиони луѓе страдаат од оштетувања на мозокот по преживеан мозочен удар. Сега научниците сметаат дека еден новооткриен протеин во отровот на овој пајак, поточно во отровот на пајакот од видот „Hadronyche infensa“ може да ги заштити невроните од клеточна смрт, дури и ако се внесе во телото неколку часа по ударот.

„Веруваме дека за прв пат откривме начин како да ги минимизираме ефектите од оштетувањето на мозокот по мозочен удар“, вели Глен Кинг од Универзитетот во Квинсленд, Австралија.

„Малиот протеин што го откривме (Hi1a) ги блокира јонските канали во мозокот кои се сензитивни на киселини и се всушност одговорни за оштетувањето на мозокот по удар“.

Во поголемиот дел од мозочните удари, кои се наречени исхемични мозочни удари, снабдувањето на мозокот со крв и кислород е прекинато. Како резултат на тоа, телото почнува да разложува глукоза за да го компензира недостатокот на кислород, но ова резултира со производство на киселини кои може да ги убијат мозочните клетки.

Но, овој протеин, кој досега е тестиран само на глувци, го спречува овој процес на тој начин што ја спречува способноста на мозочните клетки да го детектираат вишокот на киселини, а со тоа ги спречува невроните од умирање.

При тестирањата на глувци, овој протеин бил ефикасен дури и по неколку часа од ударот, што е особено важно за луѓето бидејќи не можат сите веднаш да добијат третман по ударот. Една доза од овој отров по 8 часа од ударот, ја намалила штетатата на мозокот за 65%.

Секако, нема никаква гаранција дека ова ќе биде случај и кај луѓето, но научниците се надеваат на тоа и планираат да спроведат клинички тестирања на пациенти кои преживеале мозочен удар во следниве две години. Доколку тие тестирања се покажат успешни, овој лек би можел да се користи како инјекции во мозокот или да се внесува преку нос.

Доколку ова навистина се случи, ќе претставува првиот лек против оштетување на мозокот предизвикано од мозочен удар – втората водечка причина за смрт во светот.

Истражувањето е објавено во „ PNAS “.

Дискусија

Коментари