На кои органи влијае алкохолот?

Според Националниот институт за злоупотреба на алкохол и алкохолизам, непосредните ефекти на алкохолот, како и зголемувањето на концентрацијата на алкохол во крвта, може да започнат 10 минути по првата голтка. Но, вие треба да се грижите за долгорочните ефекти.

Истражувањата сугерираат дека прекумерното конзумирање на алкохол може да доведе до разни видови на рак, вклучувајќи ја устата, хранопроводот, грлото, црниот дроб и дојката. Исто така може да предизвика сериозни оштетувања на речиси сите главни органи.

1. Срце

Сите сме запознаени со фактот дека една чаша црно вино придонесува за да се намали ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Но, што ако таа чаша се претвори во цело шише? Со текот на времето, прекумерното конзумирање на алкохол ќе започне да го ослабува срцевиот мускул што ќе доведе до нерегуларности во протокот на крв. Алкохоличарите често пати патат од состојбата позната како кардиомиопатија при што се соочуваат со отежнато дишење, аритмија, замор, зголемен црн дроб и постојана кашлица. Алкохолот исто така го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и хипертензија.

2. Мозок

Покрај почетното чувство на еуфорија, алкохолот може да има штетни ефекти врз мозокот. Етанолот што се наоѓа во алкохолните пијалоци може да предизвика штета на повеќе области од мозокот, со тоа што го забавува пренесувањето на информации помеѓу невротрансмитерите. Пролонгираното оштетување на невротрансмитерите може да доведе до промени во расположението и однесувањето, како на пример депресија, анксиозност, губење на меморијата и напади. Алкохолот во комбинација со лошата исхрана исто така може да предизвика Верник- Корсаков синдром – „влажен мозок“. Лицата со овој синдром имаат една форма на депресија која се карактеризира со губење на меморијата, збунетост, халуцинации, губење на мускулната координација и неможност за формирање нови спомени.

3. Црн дроб

Честопати ја потценуваме важноста на црниот дроб, но многу алкохоличари со сигурност ќе ја нагласат важноста на неговата функција. Црниот дроб има суштинско значење кога станува збор за правилно варење на храната, апсорбирање на хранливите материи, контролирање на инфекциите и ослободување од токсините. Цирозата на црниот дроб е рангирана како 12-та водечка причина за смрт, предизвикана од прекумерно конзумирање на алкохол.

4. Панкреас

Големите количини на алкохол може да го збунат панкреасот и да предизвикаат внатрешно да лачи ензими, наместо да ги испраќа во тенкото црево. Натрупувањето на ензимите со текот на времето ќе предизвика воспаление. Воспалението, познато како панкреатитис, или ќе се случи како ненадеен напад (акутен панкреатит) со симптоми како болки во стомакот, гадење или повраќање, биење на срцето, дијареа и треска, или како хроничен панкреатитис кој полека го оштетува панкреасот и доведува до дијабетес, па дури и смрт.

5. Бубрези

Ефектот што алкохолот го има на црниот дроб може да се прошири на бубрезите.Поради диуретичното дејство алкохолот го зголемува количеството на урина што телото го произведува, па бубрезите не можат да го регулираат протокот и составот на телесните течности, вклучувајќи ја и дистрибуцијата на јоните на натриум, калиум и хлорид. Тоа може да го наруши нашиот баланс на електролити. Прекумерното конзумирање на алкохол исто така може да доведе до висок крвен притисок – втората водечка причина за откажување на бубрезите.

Поддржете ја нашата работа: