Официјално: Не е откриена нова фундаментална честичка

Минатата недела, на Меѓународната конференција за високоенергетска физика која се одржа во Чикаго, ЦЕРН објави дека не откриле нова честичка која може да го скрши Стандардниот модел за физиката на честичките. Покрај тоа, ЦЕРН објави и огромен број на нови податоци од Големиот хадронски судирач.

Уште во декември 2015 година, научниците од ЦЕРН спроведоа експерименти при кои удираа честички со неверојатно големи енергии, при кои забележаа неочекувана енергија во форма на вишок парови фотони, со енергија од 750 GeV. Тоа доведе до многубројни хипотези за тоа дека ова е знак за сосема нова фундаментална честичка која не е предвидена со Стандардниот модел за физиката на честичките.

Но, последните податоци од Големиот хадронски судирач не покажуваат никакви докази дека ваква честичка навистина постои. Тоа значи дека не сме ни блиску до пронаоѓање на нов модел во физиката кој би можел да објасни некој од мистериозните аспекти на Универзумот, како на пример начинот на кој функционира гравитацијата.

Но, не е се така лошо. Истражувачите исто така објавија дека ЦЕРН во моментов го достигнува својот врв, што значи дека извршува околу 1 милијарда судири на високо-енергетски честички во секунда, а воедно работи и на рекордно ниво на енергија од 13 трилиони електрон волти. Токму поради ова, Големиот хадронски судирач во 2016 година сними пет пати повеќе податоци отколку во 2015 година, и покрај тоа што се’ уште не е измината годината. Меѓу тие податоци е и потврдата за Хигсовиот бозон.

Со други зборови, ова значи дека иако се’ уште не сме откриле нова честичка, ако таа навистина постои, тогаш е само прашање на време кога ќе ја откриеме бидејќи Големиот хадронски судирач работи подобро од кога било досега.

Ако сте заинтересирани, можете и самите да барате знаци за нова честичка во резултатите од судирите на 100 трилиони протони од 2012 година кои научниците штотуку ги направија достапни за јавноста.

Поддржете ја нашата работа: