Официјално е потврдено дека во човечкиот организам има уште еден орган.
Се работи за мезентериумот – струкутура која на анатомите им е позната повеќе од 100 години, но сѐ досега се сметаше дека мезентериумот е составен од одвоени делови. Меѓутоа, најновото истражување покажува дека се работи за еден целосен орган.
Со новите докази, кои се објавени во „The Lancet Gastroenterology & Hepatology“, мезентериумот и официјално е класифициран како орган.
Мезентериумот претставува двоен слој од перитонеумот – серозната мембрана што ја обвива стомачната празнина, што ги прицврстува цревата за задниот ѕид на стомакот.
Еден од првите што направил опис на мезентерумот бил Леонардо да Винчи и со векови генерално бил занемаруван, како еден вид додаток без особено значење. Претпоставките на докторите кои го проучувале мезентериумот во текот на минатиот век биле дека се работи за фрагментирана структура, составена од посеби делови, што го прави прилично незначителен.
Меѓутоа, во 2012 година, научниците од Универзитетската болница Лимерик во Ирска, предводени од Ј. Келвин Кофи, преку детална микроскопска анализа покажале дека мезентериумот всушност претстаува една континуирана структура.
Во текот на последните четири години, тие собрале доволно докази за тоа дека мезентериумот би требало да се калсифицира како посебен орган, а со последните документи тоа се официјализираше.
Од минатата година и студентите по медицина учат дека мезентериумот претставува посебен орган, а новата дефиниција е вклучена и во еден од најпознатите учебници по анатомија Грејовата анатомија (Gray’s Anatomy).
Новиот орган може да го видите на сликата подолу.
Иако структурата на новиот орган е одамна позната, за неговата функција многу малку се знае. Неговото проучување би можело да биде од клучна важност за подобро да се разберат и третираат абдоминалните и дигестивните заболувања.
„Кога ќе му пристапиме како кон секој друг орган, абдоминалните болести ќе може да ги категоризираме во однос на овој орган“, вели Кофи, кој прв открил дека мезентериумот претставува орган.
Тоа значи дека научниците сега ќе ја истражуваат севкупната улога што мезентериумот можеби ја има кај стомачните заболувања, што би значело и подобар исход кај пациентите.
„Сега ја одредивме анатомијата и структурата. Следниот чекор е функцијата. Доколку се разбере функуцијата, ќе може да се утврдат и направилностите во функционирањето односно болестите. Сето ова заедно претставува база на потполно ново поле во науката“, вели Кофи.
Истражувањето е објавено во „The Lancet Gastroenterology & Hepatology “.