Откриен неверојатно брз систем на ѕвезди што им противречи на досегашните модели на физиката

На оддалеченост од илјадници светлосни години од Земјата, во периферијата на Млечниот Пат, астрономите детектираа нешто досега невидено – бинарна ѕвезда што се движи со брзини кои им противречат на досегашните модели на физиката.

Што значи тоа? Тоа значи дека нешто мора да и помага на таа ѕвезда за да добие толкава сила на забрзување.

Досега најдоброто објаснување за ваквите ѕвезди е супермасивната црна дупка која се наоѓа во центарот на секоја галаксија, но тука се јавува проблем бидејќи во близина на оваа бинарна ѕвезда нема никаква црна дупка.

Оваа бинарна ѕвезда е наречена „PB3877“ и се наоѓа на околу 18 илјади светлосни години од Земјата, на самата периферија на нашата галаксија. Всушност, ова не е единствената ѕвезда која се движи со хипер брзина во нашата галаксија (астрономите досега идентификувале повеќе од 20 вакви ѕвезди), но е единствената бинарна ѕвезда (две ѕвезди кои орбитираат околу заеднички центар на маса) што се движи со волку голема брзина.

„PB3877“ е составена од една супер жешка ѕвезда која е повеќе од 5 пати пожешка од нашето Сонце, и еден придружник кој е 1.000 пати поладен од нашето Сонце. Астрономите успеале да го мапираат нејзиниот пат и утврдиле дека нејзиното забрзување не потекнува од центарот на Млечниот Пат, односно од супермасивна црна дупка. Предложени се други механизми како ѕвездени судири и експлозии, но сите тие би го нарушиле бинарниот систем.

Така, научниците дошле до две можни хипотези и тоа дека брзината може да се должи на црна материја која ја опкружува ѕвездата како некој вид на ореол, при што ја одржува стабилна на толку големи брзини на крајот на галаксијата, или пак дека ѕвездата е всушност натрапник кој се формирал во некоја соседна галаксија пред да се инфилтрира во нашата. Се’ уште не е познато дали со текот на времето ќе излезе од Млечниот Пат.

Според научниците, самото постоење на ваков бинарен систем ги преиспитува прифатените модели и сегашното разбирање на црната материја во Млечниот Пат.

Истражувањето е објавено во „Astrophysical Journal Letters“.

Поддржете ја нашата работа: