Меѓународен тим на археолози открија една од најголемите кралски гробници на Маите во Белиз, Средна Америка. Гробницата содржи машки труп, животински коски, сечила од опсидијан и хиероглифски панели кои нудат нов увид во легендарната цивилизација на Маите.
Гробницата е откриена во Шунантунич, антички град во западниот дел на Белиз кој некогаш служел како церемонијален центар за Маите, под скалите на храмот. Се чини дека храмот бил намерно изграден за да се затвори гробот, вели главниот истражувач, што освен за многу ретки случаи, воопшто не е типично за античката мајанска архитектура.
Според археолозите, гробницата е изградена за 20 до 30-годишен мускулест маж, кој сигурно имал некое големо значење, иако тие се’ уште се обидуваат да дознаат повеќе информации за неговиот живот.
Покрај неговите останки, археолозите исто така пронашле и коски од јагуар и елен, монистри од жад кои можеби некогаш претставувале ѓердан, 13 сечила од опсидијан и 36 ќерамички садови. Во друг дел од гробницата пронашле и две скривалишта со 9 сечила од опсидијан и 28 украсни статуетки кој биле изрезбани во разни симболи и животни.
Откривањето на гробници секогаш е возбудливо за археолозите, но оваа гробница е посебна бидејќи е една од најголемите мајански гробници кои некогаш се откриени во Белиз, со димензии 4,5 на 2,4 метри.
Можеби најважното откритие во оваа гробница се хиреоглифските панели кои се поврзани со т.н. Змиска династија – фамилија која владеела со империјата на Маите пред околу 1.300 години и користела амблем од глава на змија како нивен симбол.
Истражувачите велат дека овие панели ги раскажуваат освојувањата на Лорд Кан II – владетелот на античкиот град Каракол, кој бил лоциран на околу 41 километар јужно од гробницата. Но, зачудувачки, истражувачите велат дека овие хиреоглифи може да откријат уште еден крал кој најверојатно владеел некаде околу 635-тата година, што укажува на тоа дека имало двајца кралеви, можеби браќа, кои се бореле за тронот.
Со помош на овие хиреоглифи научниците се надеваат дека ќе откријат повеќе информации за змиската династија и дека со составувањето на семејната историја можеби ќе откријат и нешто повеќе за падот на целата мајанска цивилизација.
Откритијата се објавени во Весникот на Институтот за истражување на пред-колумбиската уметност.
Преземено од: „The Guardian“.