Интернационален тим од астрономи откри три егзопланети со големина на Земјата, кои орбитираат околу иста ѕвезда, на оддалеченост од само 40 светлосни години од нас – објави „ЕСО“- меѓувладина истражувачка организација на 16 земји.
Научниците веруваат дека сите три планети се потенцијално погодни за живот, што може да не доведе поблиску до пронаоѓање на вонземен живот.
Матичната ѕвезда на овие планети е ултра ладно џуџе – еден вид на ладна црвена планета. Најчесто ваквите ѕвезди се многу мали и бледи за да можат да бидат детектирани со оптичките телескопи.
Астрономите ги откриле овие планети со помош на телескопот во Чиле, наречен „TRAPPIST“ (TRAnsiting Planets and PlanetesImals Small Telescope), кој е дизајниран да се фокусира на блиските џуџести ѕвезди и да бара планети кои орбитираат околу нив.
Бидејќи светлината од ѕвездата се намалува во правилни интервали, тоа укажува дека неколку планети орбитираат околу неа.
Ѕвездата е со големина од околу една осмина од големината на Сонцето, има за половина пониска температура и е 2.000 пати побледа. Ова е првпат астрономите да откријат планети кои орбитираат околу толку мала и бледа ѕвезда.
Астономите сметаат дека третата планета, која е најоддалечена од ѕвездата, може да се наоѓа во нејзината хабитабилна зона.
Поради својата близина со матичната ѕвезда, другите две планети се веројатно гравитациски поврзани со неа, со една страна која секогаш гледа кон ѕвездата, а друга страна спротивно од неа.
И покрај тоа што страните што гледаат кон ѕвездата би биле премногу жешки за да можат да поддржат било каква форма на живот, а спротивните страни би биле премногу ладни и темни, планетите би можеле да имаат „погодни точки“. Ако планетите имаат атмосфери или евентуално океани, топлината од ѕвездата би можела да биде рамномерно распоредена, со што би се создале региони погодни за живот.
Научниците ќе треба да направат дополнителни истражувања за да утврдат дали планетите фактички можат да поддржат живот.
Еден од начините е преку испитување на ефектите што атмосферата од планетите ги има врз светлината што допира до Земјата. Заради големината и бледоста, ѕвездата не може да ги засени овие ефекти, што им овозможува на научниците да добијат подобар увид.
Во потрагата по знаци на живот, со време научниците би требало да можат да подетално да ги истражуваат составот и атмосферите на планетите.
Ова откритие отвара можност за идни истражувања и на други ултра ладни џуџести ѕвезди кои се долговечни и чести во Млечниот Пат. Околу три четвртини од сите ѕвезди и 15 проценти од ѕвездите блиску до Сонцето се ултра ладни џуџести ѕвезди.
Со помош на неколкуте телескопи кои се во изградба, научниците велат дека наскоро ќе можат да ги прпучуваат составот на атмосферите на овие планети и да бараат траги од вода и биолошка активност.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Nature“.