Пајаците може да не слушнат кога зборуваме

Едно ново истражување открива дека пајаците се уште поимпресивни, или позастрашувачки (во зависност од вашата гледна точка) отколку што мислевме.

Пајаковидните животни немаат уши, но според новото истражување, пајаците може да ве слушнат дека зборувате на оддалеченост од неколку метри, и покрај фактот што претходно научниците претпоставуваа дека тие воопшто не слушаат ништо.

Наместо уши и ушно тапанче, пајаците ги користат малите чувствителни влакна на нозете за да го детектираат звукот.

И покрај тоа што и претходно беше познато дека влакната на нозете на пајаците се чувствителни на вибрации на воздухот, како што се звучните бранови, се претпоставуваше дека ова важи само за звуците околу должината на телото на пајакот, или неколку сантиметри. Никој не помислил дека пајаците ги толкуваат тие вибрации во нервна активност, што би значело дека тие всушност не само што ги чувствуваат, туку и ги слушаат звучните бранови.

Ова ново истражување, кое било спроведено на мали скокачки пајаци „ Phidippus audax“ и се засновало на модели на мозоците на пајаците, покажува дека тие можат да слушнат кога луѓе зборуваат или плескаат со рацете на оддалеченост од 5 метри.

Истражувачите во моментов истражуваат дали и другите видови пајаци имаат иста способност.

Деталите и текот на истражувањето се објавени во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: