Австралиските истражувачи објавија дека пет од Соломонските острови исчезнале во Тихиот Океан поради зголемувањето на нивото на водата, предизвикано од климатските промени.
Според истражувањето предводено од Универзитетот во Квинсленд, климатските промени се причина за пет острови целосно да потонат, додека на шест други им се заканува истото, бидејќи нивните крајбрежја се речиси потполно еродирани. Да бидат работите полоши, како што објаснуваат истражувачите, заради рецесијата на крајбрежјето на две локации се уништени села кои постоеле од 1935 година, што довело и до раселување на населението.
Истражувачите успеале да измерат колку е покачено морското ниво преку анализа на авионските и сателитските снимки направени во периодот од 1947 до 2014 година, заедно со историските и локалните податоци.
Во текот на тој период истражувачите надгледувале 33 острови и било забележано дека порастот на нивото на водата во таа област е за трипати повисок од просекот на глобално ниво.
Покрај покачувањето на нивото на водата, истражувањето покажало дека областа е под влијание на високо енергетски бранови, што сѐ заедно може брзо да го еродира и уништи крајбрежјето. И покрај тоа што овие промени засега не предизвикале големи деструкции кај локалните заедници, тоа е јасен знак дека климатските промени можат да предизвикаат присилни раселувања во блиска иднина – проблем со кој веќе се соочуваат некои области во светот.
И покрај овие наоди, истражувачите не нудат решение за проблемот. Наместо тоа, тие велат дека нивните техники можат да се искористат за надгледување на други крајбрежни подрачја во иднина.
Во суштина, тие тврдат дека она што сега се случува на Соломонските острови треба да послужи како заканувачка порака за ефектите од покачувањето на морското ниво, особено за населението кое живее во крајбрежните области. Ова е лош знак, особено ако се земе предвид дека повеќето големи градови се наоѓаат во близина на вода.
Извештајот од истражувањето е објавен во „Environmental Research Letters“.