Секој фан на „Војна на ѕвездите“ ја знае сцената кога Лук Скајвокер оди низ фармата на својот чичко по пустинската планета Татуин (Tatooine) и гледа две зајдисонца, бидејќи планетата орбитира околу две ѕвезди. Досега, идентификувани се само гасовити џиновски планети непогодни за живот кои кружат околу такви бинарни ѕвезди и многу истражувачи сметаат дека таму не може да се формираат карпести планети.
Сега, студијата на Бен Бромли од Универзитетот во Јута и Скот Кенјон од Опсерваторијата Смитсонијан, покажува дека цврсти планети слични на Земјата, како Татуин, веројатно постојат и можеби се широко распространети.
Математичките симулации покажуваат дека пред мала област во близина на бинарна ѕвезда (карпеста или гасовита) може да се формираат планети на истиот начин како и кај една ѕвезда.
Планетите се формираат од гасот и прашината што се наоѓаат околу младата ѕвезда, на истиот начин како и прашината под нашиот кревет -со спојување, за да се направат се’ поголеми и поголеми објекти. Кога ќе се формираат околу една ѕвезда, тие следат кружна патека, односно орбита, но кога ќе се формираат околу бинарна ѕвезда мора да се најдат во вистинската орбита бидејќи нивните патеки може да се измешаат и да си го пресечат патот што би довело до деструктивен судар.
Новата студија вели дека уште додека се многу мали, планетите си ја бараат својата т.н. овална орбита при што не можат да се судрат во текот на орбитирањето околу бинарната ѕвезда. Па така, истражувачите преку математички и компјутерски симулации покажале дека карпести планети слични на Земјата може да се формираат околу бинарните ѕвезди ако имаат овални орбити.
Телескопот Кеплер на НАСА досега открил 7 планети кои орбитираат околу бинарни ѕвезди во или во близина на зоната погодна за живот, но сите тие се гасовити џиновски планети, со големина слична на Нептун и Јупитер. Ниту една не е толку мала и карпеста како Земјата, или како Татуин.
Истражувачите сметаат дека Кеплер се’ уште не открил планети слични на Земјата околу бинарни ѕвезди бидејќи тие се мали во споредба со гасовитите џиновски планети, што ја отежнува потрагата.
Студијата е доставена за преглед до „Astrophysical Journal“, но како што е редот во таа област, авторите ја објавиле непрегледана на вебсајтот „ArXiv“. Насловот на студијата е: „Формирање на планети околу бинарни ѕвезди: Татуин е формирана лесно“. Финансирана е од Програмата за надворешни планети на НАСА и всушност претставува нус производ на едно друго истражување на Бромли и Кенјон за тоа како џуџестата планета Плутон и нејзината главна месечина Харон дејствуваат како бинарен систем.