Научниците го замислија патот кон позелена иднина. Тие дизајнираа блокови од рециклирана пластика извадена од океаните, кои всушност наликуваат на лего коцки и од кои треба да се изградат пластични патишта во иднина.
Холандија претставува рај за рециклирањето. Според Европската агенција за животна средина, Холандија е една од ретките европски земји која рециклира повеќе од половина од својот отпад. Градот Ротердам се здружи со компанијата „VolkerWessels“ за да создаде прототип на овие патишта. Планот е да се собере пластичниот отпад од морето, да се сомеле во крупен агрегат кој потоа ќе се стопи и моделира во форма на блокови, кои потоа ќе се спојат во целосен пат. Блоковите ќе вклучуваат празни простори во средината за цевки и електрични кабли кои обично се наоѓаат под патиштата.
Се разбира дека кога се дизајнираат патишта кои би требало да издржат стотици или дури илјадници возила дневно, структурниот интегритет е главната причина за загриженост. Од компанијата велат дека пластиката ќе може да издржи температури помеѓу -40 и +80 степени Целзиусови и дека патот ќе биде отпорен на корозија и оштетување поради временски услови. Исто така, истакнуваат дека ваквиот пластичен пат е идеален за патиштата кои поминуваат низ структурно сиромашна земја, како што е мочурливата или песокливата почва.
Пластичните блокови ќе се произведат во фабрика, потоа ќе се транспортираат до местото на инсталација и ќе се монтираат на лице место, со што ќе се намали времето потребно за изградба на патиштата, како и блокадите на патиштата за време на изградбата.
Овој проект засега е само уште една идеја на хартија. Следниот чекор е да се изгради ваков пластичен пат и да се тестира во лабораторија за да се осигура неговата безбедност при влажни и лизгави услови итн, велат од компанијата.
Ова е амбициозен проект и може да бидат потребни години пред научниците да утврдат дали пластиката може да ги замени традиционалните патишта од катран и асфалт. Дизајнот е особено интересен бидејќи претставува промена во начинот на изградба на патиштата – научниците не само што размислувале како брзо да се изгради, туку и како потоа да може да се отстрани.
Ова не е прват пластиката да се предложи за употреба при изградбата на патишта. Индија веќе заменува делови од патиштата со рециклиран пластичен отпад, кој воедно е и поевтин.