Како пневмонијата физички го оштетува срцето

После долго истражување на врската помеѓу пневмонијата и срцевата слабост, истражувачите најдоа доказ дека пневмонијата и физички го оштетува срцето. Истражувачите од Здравствениот Центар на Универзитетот во Тексас, Сан Антонио открија дека бактеријата „Streptococcus pneumoniae“, главниот причинител на пневмонијата, прави лезии на миокардот што истражувачите ги откриле кај примероци од ткиво на глувци, ткиво на rhesus macaque“(резус мајмун) и човечко ткиво земени при аутопсија.

Тимот покажа дека бактеријата „Streptococcus pneumoniaeод крвта го напаѓа миокардот, односно срцевиот мускул и формира лезии. Тие го открија механизмот преку кој бактеријата е во состојба да се прошири преку ендотелијалните клетки на крвните садови на срцето и истото да го инфицира.

„Овие наоди сугерираат дека ако некогаш сте имале тешка пневмонија, можеби тоа оставило трајни оштетувања на вашето срце. Иако, се уште не е јасно дали малите лезии придонесуваат во зголемувањето на ризикот од смрт кај луѓето, или дали лузните што се појавуваат подоцна на крај ја намалуваат срцевата функција кај луѓето што се опоравиле од оваа тешка инфективна болест”, истакнуваат истражувачите.

За среќа, на повидок е вакцина која  може да обезбеди заштита од ваквата состојба. Вакцината делува така што го спречува ширењето на инфекцијата во срцето и го спречува токсинот да ги оштети клетките на срцевиот мускул – кардиомиоцитите. Кај вакцинираните експериментални животни, вакцината обезбедила успешна заштита против лезиите на срцето, потенцираат истражувачите.

Ограничувачки фактор во истражувањето е малиот примерок од човечко ткиво, забележуваат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: