Музиката го подобрува расположението и ја менува мозочната хемија, а тие промени можат да бидат корисни и за срцето. Музиката не само што го активира системот за слух туку и ги буди многуте регии во мозокот, особено оние за движење, внимание, јазик, помнење и емоции.
“Не постои стимул што истовремено влијае на така широк спектар на области на мозокот како музиката”, тврди Брајан Харис, музички терапевт од Харвард “Оваа глобална активација се случува кога слушаме музика, свириме некој инструмент или пееме”.
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои слушаат музика можат подолго да вежбаат, им се подобрува функцијата на крвните садови, а отчукувањето на срцето и притисокот се враќаат во нормала многу побрзо после напорот. Исто така се намалува анксиозноста кај оние кои преживеале срцев удар, а исто така им помага и на пациентите при опоравување од операција на срцето, па помалку чувствуваат тешкотии и болка.
Слушањето музика може да го зголеми допаминот, невротрансмитер во мозокот кој дава мотивација. Имено, процесирањето на звукот започнува во мозочните клетки, кои исто така го контролираат отчукувањето на срцето и дишењето. Таа врска ни објаснува зошто музиката го успорува срцевиот ритам, дишењето и крвниот притисок, а се чини дека пациентот полесно ги поднесува болката и стресот.
Научниците сметаат дека музиката која ја бираат пациентите сама за себе има поповолен ефект, за разлика од онаа музика која ке им ја избере друг. American Music Therapy Association тврди дека музиката предизвикува реакција благодарение на познавањето на мелодијата која на пациентот му дава дополнителна сигурност и комфорт.
Во студијата спроведена за опуштање на артериите, се тестирала класична и рок музика, а подобрувањата биле очигледни кога љубителите на класична музика слушале класична музика отколку додека слушале рок музика и обратно. Љубителите на опера пронаоѓаат огромно смирување додека слушаат опера, а кај оние кои не ја преферираат, таквата музика може да предизвика спротивен ефект.