Децата кои имаат покачено ниво на олово во крвта, како возрасни ќе имаат помал коефициент на интелигенција (IQ) што ќе се одрази на нивниот професионален статус, покажуваат наодите на едно истражување што се спроведувало три децении. Со ова уште еднаш е потврдено штетното дејство на овој невротоксин.
Децата кои во 1970-тите биле изложени на испарувањата од бензините со големо количество на олово, претпеле значителен пад на коефициентот на интелигенција, се наведува во истражувањето што е објавено во „Journal of the American Medical Association“ (JAMA).
Со истражувањето биле опфатени повеќе од 1.000 деца, родени во Нов Зеланд, во 1972 и 1973 година, период кога бензинот содржел олово. Нов Зеланд во тоа време била замја со највисоко ниво на олово во безининот за автомобилите.
Научниците од Универзитетот Дјук во Северна Каролина, САД, го следеле развојот на учесниците во истражувањето до нивната 38 година од животот и вршеле проценка на нивните когнитивни способности, како што се меморијата и расудувањето.
На 565 деца им била земена крв за тестирање на нивто на олово, кога тие биле на возраст од 11 години.
Резултатите покажале дека лицата кои како деца имале повеќе од десет микрограма олово на децилитар крв, на 38-годишна возраст имале просечно 4,25 бодови понизок IQ од учесниците кои како деца биле помалку изложени на овој невротоксин.
Истражувањето покажало дека со секое зголемување на оловото во крвта за пет микрограми, лицето губи 1,5 бодови од IQ. Кај децата што биле опфатени со истражувањето нивото на олово во крвта кога имале 11 години изнесувало 10,99 микрограми на децилитар, што е благо покачување во однос на прагот што се смета за загрижувачки.
Американските санитарни власти истакнуваат дека секој процент на олово во крвта на децата се смета за штетен и може да влијае на коефициентот на интелеигенцијата, вниманието, како и да предизвика други проблеми. Новото истражување петставува нов доказ за она што многу научници одамна се сомневаат – дека изложеноста на децата на олово во животната средина, не само што може да биде причина за низа физички и когнитивни проблеми, туку дека може да го смени и самиот животен пат на децата.