После која количина, пиењето преминува во проблем? Тоа е различно за секоја индивидуа, бидејќи луѓето различно го толерираат и метаболизираат алкохолот. Сепак, за умерена количина се смета една пијачка за жените и две за мажите. Една пијачка би билa околу 45 мл. жесток алкохол, околу 150 мл. вино или 350 мл. пиво. Повеќе од оваа количина, дневно, се сметa за проблематично.
Можеби изгледа екстремно, но за повеќето луѓе и не е. Технички, алкохолот е отров кој многу брзо се апсорбира во крвотокот. Во почетокот ги ослободува инхибициите, но потоа делува како депресив. Мамурлакот што се чувстувува следниот ден е знак дека телото се обидува да се ослободи од алкохолот. Додека умереното пиење се покажа дека е добро за здравјето, пиењето повеќе од чашка-две алкохол дневно, може да доведе до сериозни здравствени проблеми, особено оштетување на црниот дроб и срцеви заболувања.
Избегнете ги проблемите со алкохолот за време на празниците
Една од несреќните последици од празничното славење поврзано со алкохолот е зголемениот број на сообраќајните несреќи и смртни случаи. Многу од луѓето на забавите не пијат често, што ги прави нетолеранти и многу чувствителни на ефектите од алкохолот. И не заборавајте – кафето и ладниот туш нема да го елиминираат алкохолот од крвта, времето е единствениот фактор што го ослободува телото од алкохол.
Ако сте свесни дека може да имате проблеми со алкохолот, подгответе се ментално пред почетокот на забавата. Однапред испланирајте колку ќе пиете, потоа замолете ги пријателите или роднините да ви помогнат да се држите до планот. Не се залажувајте себеси со идејата дека тоа што не сте пиеле неколку дена пред забавата, ви дава право да се напиете некоја чашка повеќе.
Ако сте гостин, не носете шише алкохол како подарок. Наместо тоа однесете избор од чаеви, топло чоколадо, сокови или кафе. На тој начин ќе знаете дека имате голем избор на лесно достапни безалкохолни пијалоци.
Бидете пример
За родителите, сезоната на празници е одлична можност да воспостават модел на однесување кога се работи за пиењето алкохол. Децата се остроумни набљудувачи и однесувањето на родителите е многу повлијателно од зборовите. Не праќајте порака дека алкохолот мора да е клучната состојка за добра забава.
Празничните прослави ќе бидат запаметени од вашите деца и можат да послужат како водач за цел живот, затоа дајте им најдобар можен пример.
Неколку совети за безбедни празнични прослави
Ако вие сте домаќин на забавата и служите алкохол, еве неколку совети да се осигурате дека сите гости ќе се чувствуваат пријатно, а алкохолот нема да стане проблем
- Никогаш не вршете притисок на некого да се напие
- Послужете и избор на безалкохолни пијалоци , како и доволно храна
- Престанете да служите алкохол, барем еден час пред да заврши забавата
- Не им давајте повеќе алкохол на оние гости кои се веќе пијани
- Не му дозволувајте на ниеден од гостите да вози дома пијан
Пријатна забава!