Поради климатските промени ваквите глетки се сѐ почести

Две нови санти мраз се одвоија од глечерот “Греј” во чилеанска Патагонија во последниве неколку недели, а научниците се загрижени бидејќи тоа се случува сѐ почесто.

Сантите мраз се одвоени на 20ти февруари и 7ми март, откако во ноември 2017 година од глечерот се одвои уште поголема санта мраз, со големина колку три фудбалски игралишта (380 х 350 метри).

Глечерот се наоѓа на глацијалното езеро во Националниот парк Torres del Paine на југот од Чиле. Најзначајното пукање на мраз пред тоа се случи на почетокот на 1990 година.

Честото одвојување на мраз, научниците го препишуваат на глобалното затоплување.

“Последниве денови температурата расте над нормалните нивоа и се забележани силни дождови заедно со пораст на нивото на водата во езерото, кои се фактори кои би можеле да објаснат зошто сантите мраз се одвојуваат”, вели Рикардо Јана, научник од Чилеанскиот антарктички институт (INACH).

Научниците од универзитетите во Германија и Бразил, заедно со експертите од INACH и други локални организации, го следат глечерот “Греј” од 2005 година по програмата за меѓународна соработка.

Во декември оваа година Чиле ќе биде домаќин на Самитот на ОН за климатски промени, COP25.

Поддржете ја нашата работа: