Потрага по екстрасоларни бури

Вселенскиот телескоп „Hubble“ кој орбитира околу 570 км. над Земјата и вселенскиот телескоп „Spitzer“ на НАСА кој се наоѓа на околу 150 милиони км. одалеченост во меѓупланетарниот простор, синхронизирани, започнуваат со следење на егзотичната планета со виолетова боја и големина колку Јупитер, која е одалечена 24 светлосни години и е позната како кафено џуџе.

Користејќи ги овие симултани набљудувања од двата телескопа, астрономите од Универзитетот во Аризона детално ја следат еволуцијата на облаците и бурите на оваа кафена џуџеста планета, како и на пет други планети слични на неа.

Целта на кампањата за екстрасоларни бури, предводена од Универзитетот во Аризона, е да открие како, со текот на времето, се менуваат облаците и временските системи на другите светови. Облаците на кафената џуџеста планета се менуваат за минути, часови и години, па така галаксијата изгледа како прилично темно и бурно место.

„Кафените џуџести планети се слични на џиновските, само што се помасивни и потопли“, вели Даниел Апаи, главниот истражувач на проектот. Тој со својот тим ќе ги проучува снимките од двата телескопа за да ја истражи хемијата и физиката позади бурите.

„Нашите сегашни можности за набљудување не можат детално да ги проучуваат екстрасоларните планети бидејќи тие се мали, бледи и премногу оддалечени. Меѓутоа, кафените џуџести планети се светли и токму затоа телескопите можат детално да ги следат и да ни помогнат подобро да ги разбереме екстрасоларните планети“, велат истражувачите.

Кафените џуџести планети светат со температура која варира од околу 1700 °C па се до собна температури, па и помалку. На овие температури, облаците кондензираат во слоеви според надморската височина. Но за разлика од облаците на Земјата, овие облаци може да содржат силициум, магнезиум, алуминиум, па дури и железо. Астрономите сметаат дека на кафените џуџести планети има ветрови кои дуваат стотици километри на час и може да предизвикаат огромни бури, слични на ураганите, само со големина како повеќе Земји заедно.

„Пред неколку години, имаше голема бура на Сатурн. Почна како една мала дамка на планетата, но брзо зафати една четвртина од видливата хемисфера“, вели Апаи.

Тој смета дека облаците на кафените џуџести планети се однесуваат на сличен начин, што го отежнува предвидувањето на галактичките бури.

„Имаме докази за промена на атмосферата од час за час. Сега знаеме дека овие нагли промени во облаците се многу чести“, објаснува Апаи.

Иако кафените џуџести планети се наоѓаат во близина на „галактичкото соседство“ на Сонцето, тие се премногу далеку и се гледаат само како точка светлина. Но таа точка светлина може да содржи многу информации за тоа од што е направена атмосферата, како и за промените на облаците. Составот и густината на облаците можат да ја намалат светлината на планетата, кога се погусти, и сето тоа може да се сними со помош на двата телескопа. Научниците ќе продолжат со истражувањата и гледаат светла иднина пред себе, па се надеваат дека во иднина ќе откријат и нови планети, слични на Земјата.

Поддржете ја нашата работа: