ЦЕРН ја почнува потрагата по „темниот фотон“

Во обид да ја решат најголемата мистерија во Универзумот – темната материја, научниците наскоро ќе почнат потрага по новата честичка наречена –„темен фотон“.

Хипотетички, темниот фотон претставува мост кој ги поврзува видливата материја – што го сочинува сѐ она што е околу нас и мистериозната невидлива темна, или уште позната како црна материја, за која се верува дека е „скриена“ низ целиот Универзум.

Врз основа на фактот дека постои поголема гравитација што го држи Универзумот заедно од она што може да и се припише на видливата материја, научниците сметаат дека 85 проценти од материјата во Универзумот е црна материја.

Се претпоставува дека црната материја успева да остане „скриена“ бидејќи не стапува во интеракција со електромагнетниот спектар, што ја прави невидлива за денешните инструменти.

За да може да се одржи оваа претпоставка за црната материја, во Универзумот мора да постои и друга непозната сила – покрај гравитацијата, преку која црната материја може да стапи во интеракција со видливата материја.

Предвидувањата на научниците се дека оваа сила би можело да биде сочинета од нешто што тие го нарекуваат „темен фотон“, кој ја олеснува интеракцијата помеѓу двете материи. Темниот фотон би ја пренесувал оваа непозната сила на многу сличен начин како што фотон од светлина ја пренесува електромагнетната сила. Или поедноставено, темниот фотон би претставувал медијатор помеѓу две лица (во овој случај видливата и црната материја) кои не можат да комуницираат еден со друг.

И покрај тоа што  многу научници ја поддржуваат оваа хипотеза, досега никој фактички не го открил темниот фотон, па затоа ништо не може со сигурност да се тврди.

Но, ова би можело наскоро да се промени, бидејќи интернационален тим од научници во ЦЕРН се подготвува да изведе експерименти со кои  би требало да го најде темниот фотон.

Проектот е наречен „NA64“, а научниците ќе се обидат да откријат знаци за интеракција помеѓу видливата и црната материја, преку познатиот закон за зачувување на енергијата. Според овој закон, вкупната количина на енергија во изолиран систем останува константна со текот на времето.

Генерално, идејата е научниците да создадат затворен систем каде ќе можат прецизно да го измерат количеството енергија во него. Откако ќе креираат фотони од зраци од електрони во внатрешноста на одреден акцелератор, тие ќе можат да видат дали се менува количеството на енергија. Ова ќе сигнализира дека во внатрешноста на системот делува нешто што не е видливо – можеби темниот фотон.

Важно е да се нагласи дека откривањето на ваков знак ќе биде само навестување дека овој фотон постои – но сепак многу цврсто навестување.

Сѐ додека темниот фотон не се види директно (како што беше тоа случај со Хигсовиот бозон), целата работа останува чисто хипотетичка. Но, откривањето на ваков знак ќе биде првиот чекор кон сознанието за тоа како функционира црната материја и останатиот дел од Универзумот. Бидејќи, доколку нашето сфаќање за црната материја се урне, ќе се урне и нашето разбирање за гравитацијата и другите сили кои управуваат со Универзумот.

Нема никаква најава за тоа кога да се очекуваат резултатите од експериментот „NA64“, но ние со нетрпение ќе чекаме да видиме што ќе се случи.

Поддржете ја нашата работа: