Научниците веќе долго време се обидуваат да ја решат мистеријата на синдромот на хроничен замор – состојба при која нормалната доза на напор води до замор и болки кои не се ублажуваат со одмор. Причината за синдромот на хроничен замор е непозната, иако постојат многу теории, почнувајќи од вирусни инфекции па се до психолошки стрес.
Сега, за прв пат, истражувачите од Универзитетот Корнел, преку анализа на крвта и на примероци од изметот, идентификувале биолошки маркери во стомачните бактерии и воспалителни микробиолошки агенси во крвта кај 83% од пациентите заболени од синдромот на хроничен замор, што всушност претставува потенцијална неинвазивна дијагноза и чекор напред кон подобро разбирање на оваа болест.
Во истражувањето, објавено во списанието „Microbiome“, истражувачите објаснуваат како поточно го дијагностицирале овој синдром на хроничен замор.
„Нашата работа покажува дека бактериите кои се наоѓаат во стомакот за време на хроничниот замор кај пациентите не се од полза, туку тие доведуваат до гастроинтестинални и воспалителни симптоми кај хронично заболените. Исто така детекцијата на биолошките абнормалности претставува уште еден доказ против тоа дека болеста има психолошко потекло“, вели Морин Хансон, коавтор на истражувањето.
„Во иднина, доколку се сфати што се случува со овие микроби и пациенти, можеби лекарите ќе ги заменат диетите со пробиотици или диетални влакна кои би можеле да бидат лек за оваа болест“, вели Лудовик Гилото, главниот автор на истражувањето.
Во истражувањето, истражувачи од Итака соработувајќи со д-р Сузан Левин, специјалист за синдромот на хроничен замор во Њујорк, регрутирале 48 дијагностицирани луѓе и 39 здрави луѓе за да ја споредат разликата.
Истражувачите со помош на анализа на крвта и на изметот од луѓето утврдиле дека постојат различни видови бактерии. Истовремено, откриле специфични воспалителни маркери во крвта. Ова најверојатно се должи на проблемите со цревата кои им овозможуваат на бактериите да навлезат во крвта, каде што можат да предизвикаат имунолошка реакција која може да ја влоши ситуацијата.
Но, сепак, на крајот, истражувачите немале доказ со кој би докажале дали различните бактерии во стомакот на лицата кои страдаат од синдромот на хроничен замор се навистина причина за оваа болест или пак последица од истата, па ќе мора да почекаме дополнителни истражувања.