Поттикнати од неодамнешното откривање на потенцијален антибиотик во почвата, тимот на научници од Универзитетот „Рокфелер“ сакаат да ја проверат „калта“ од секоја земја во светот.
Тие веќе започнале со анализа на примероци од некои плажи, шуми и пустини низ пет континенти, но им треба помош за собирањето на примероците. Особено се заинтересирани за добивање на примероци од уникатни неистражени средини, како на пр. пештери, острови или извори на топла вода. Таквите места би можеле да содржат „свети“ соединенија, кои се произведени од страна на бактерии во почвата и се сосема нови за науката.
„Не сакаме да имаме сто илјади примероци. Неколку илади би биле доволни, но навистина би сакале тие да бидат од уникатни места кои би можеле да содржат нешто интересно. Значи не сакаме примероци од почвата во вашата градина, иако и таа би содржела многу бактерии“, изјави д-р Шон Брејди, еден од истражувачите, за „BBC“.
Тој исто така изјавил дека се заинтересирани и за училиштата и колеџите кои би сакале да се вклучат во проектот.
Од 185-те примероци кои досега ги тестирале, резултатите се ветувачки. Од примероците од еден извор на топла вода во Ново Мексико, откриле соединенија слични на оние кои произведуваат епоксомицин (природна молекула која се користи како појдовна точка за голем број на лекови за рак). Од одредени примероци од Бразил, откриле гени кои би можеле да понудат нови верзии на друг важен лек за ракот, наречен блеомицин. И во примероците од почвата во југозападна Америка, се надеваат дека ќе откријат соединенија слични на лекот рифамицин, кој бил можел да биде ефикасен за туберколозата отпорна на лекување.
Многу од лековите кои денес ги користиме излегле од почвата, како на пр. антибиотиците пеницилин и ванкомицин. Има повеќе микроорганизми во една лажичка почва, отколку луѓе на Земјата, а само мал дел од нив се култивирани. Научниците се надеваат дека оваа потрага ќе резултира со комплетно нови лекови, како и подобрување на веќе постоечките.