Галаксијата се наоѓа на 12,5 милијарди светлосни години од Земјата и припаѓа на нова класа на небесни објекти, познати како екстремно светли инфрацрвени галаксии (extremely luminous infrared galaxies- ELIRGs). Галаксијата ја открил вселенскиот телескоп „WISE“ на НАСА и формално е позната како “WISE J224607.57-052635.0“.
Зошто е толку светла?
„Тука гледаме една многу интензивна фаза на еволуција на галаксиите“, вели д-р Чао-Веи Цаи, главен автор на студијата. „Светлината може да доаѓа од растењето на црната дупка на галаксијата“.
Големите црни дупки се вообичаени во галактичките јадра и додека тие самите се темни, огромни количини на видливи ултравиолетови и X- зраци се ослободуваат како што галаксиите го апсорбираат околниот гас и материја. Но, светлината е блокирана од прашината, па така, како што прашината се загрева – зрачи инфрацрвена светлина. „Токму поради тоа досега не ја забележавме. Се разбира и поради огромната одалеченост“, велат истражувачите.
Оваа црна дупка веќе била милијарди пати поголема од масата на Сонцето уште кога универзумот бил само една десетина од неговата сегашна возраст (13,8 милијарди години). Истражувачите не се сигурни како црната дупка се зголемила толку брзо, па затоа планираат дополнителни истражувања за да ја одредат специфичната маса на оваа, како и на други екстремно светли инфрацрвени галаксии
Истражувањето е објавено во „ The Astrophysical Journal“.