Пронајдено решение за дијабет тип 2

Од дијабет тип 2 страдаат околу 9% од глобалната популација. Порано се сметаше дека оваа состојба е карактеристична за постарите лица, но сега се знае дека се јавува и кај млади лица и кај деца. Се карактеризира со високо ниво на глукоза во крвта како последица на недоволно количество на инсулин што се лачи од панкреасот, како и со инсулинска резистенција кога организмот не реагира доволно добро на инсулинот.

Тим од научници од Универзитетот Њукасл во Велика Британија покажале дека дијабетот тип 2 е предизвикан од таложење на маснотии во панкреасот и дека ако се изгуби помалку од еден грам од тие маснотии преку намалување на телесната тежина може да се санира дијабетот.  

Истражувањето, што е вршено под водство на професорот Рој Тејлор е објавено во „Diabetes Care“, а ќе биде презентирано и на Светската конференција за дијабет во Ванкувер.

Во истажувањето биле вклучени 18 лица со дијабет тип 2 и девет лица кои немаат дијабет. На сите им била измерена телесната тежина, нивото на маснотии во панкреасот и реакцијата на инсулин пред да бидат подложени на хирушки зафати за отстранување на вишокот на килограми. Пациентите со дијабет тип 2 имале и зголемено ниво на маснотии во панкреасот.

Сите учесници во истражувањето биле селектирани да им се направи гастричен бајпас за третирање на дебелината и биле мерени непосредно пред операцијата и осум недели после интервенцијата. Веднаш после операцијата на лицата со дијабет им била укината терапијата.

Двете групи изгубиле подеднаква тежина, околу 13% од претходната тежина, но најзначајно е тоа што нивото на маснотии во панкреасот се намалило до нормално ниво само кај дијабетичарите, додека промени немало кај лицата без дијабет.

Ова покажува дека вишокот на масти во панкреасот кај дијабетичниот панкреас е специфичен за дијабет тип 2 и важен фактор кој спречува инсулинот да се лачи нормално. Кога вишокот од овие маснотии бил отстранет, секрецијата на инсулинот се покачила до нормално ниво, со други зборови дијабетот бил саниран.

Кај пациентите со дијабет тип 2, нивото на маснотиите во панкреасот (панкреатичните триглицериди) се намалиле за 1,2%, што е еднакво на О,6 грама маснотии. Кај пациентите кои немале дијабет, нивото на маснотии не се променило, што покажува дека покачувањето на маснотиите во панкреасот е специфично за луѓето кои развиле дијабет тип 2. Исто така важно е и тоа што секој поединец толерира различно ниво на маснотии пред да развие дијабет тип 2.

Традиционално, дијабетот тип 2 се смета за прогресивна состојба, која првично се контролира преку исхраната, а подоцна со таблети, но со време може да бидат потребни и инсулински инекции.  

Во претходен труд на професорот Тејлор и неговиот тим од 2011 година беше истакната важноста од намалување на телесната тежина преку диета, за санирање на дијабетот тип 2. Овој труд го смени размислувањето за дијабетот, бидејќи за прв беше демонстрирано дека со диета може да се отстранат наталожените масти во панкреасот, што му овозможува на панкреасот да го воспостави нормалното излачување на инсулин.

Поддржете ја нашата работа: