Синдромот на полицистични јајници (PCOS) е хормонално нарушување кое е вообичаено кај жени во репродуктивна возраст. Жените кои го имаат овој синдром може да имаат ретки или продолжени менструални периоди или вишок на машки хормони (андрогени).
При ова заболување, јајниците развиваат бројни мали колекции на течности (фоликули) и при тоа не се ослободуваат редовно јајце клетки. Точната причина за PCOS е непозната. Раната дијагноза и третман заедно со слабеење може да го намалат ризикот од долгорочни компликации.
Симптоми
Знаците и симптомите на PCOS често се развиваат при првиот менструален циклус за време на пубертетот. Понекогаш PCOS се развива подоцна, на пример, како одговор на значително зголемување на телесната тежина.
Знаците и симптомите на PCOS се разликуваат. За да се постави дијагноза на PCOS треба да постојат најмалку два од овие знаци:
Нередовни менструации. Нередовните, неправилни или пролонгирани менструални циклуси се најчестиот знак на PCOS. На пример, може да имате помалку од девет периоди годишно, повеќе од 35 дена меѓу периодите и ненормално тешки и болни циклуси.
Покачено ниво на андрогени хормони. Зголемените нивоа на машки хормони може да резултираат со физички знаци, како што се вишокот на влакна на лицето и телото (хирзутизам), а понекогаш и тешка акни и машки тип на келавост.
Полицистични јајници. Вашите јајници може да се зголемат и да содржат фоликули кои ги опкружуваат јајцеклетките. Како резултат на тоа, јајниците може да не функционираат нормално.
Знаците и симптомите на полицистичен овариален синдром обично се потешки ако сте дебели.
Кога да се консултирате со лекар
Доколку имате проблеми со менструалниот циклус, се соочувате со неплодност или ако имате знаци на вишок андрогени, како и хирзутизам, акни и машки тип на келавост секако треба да побарате помош.
Причини
Точната причина за развој на оваа состојба не е позната. Фактори кои можат да играат улога вклучуваат:
Вишок на инсулин. Инсулинот е хормон кој се произведува во панкреасот и кој им овозможува на клетките да го искористат шеќерот. Ако вашите клетки станат отпорни на дејството на инсулинот, тогаш нивото на шеќер во крвта може да се зголеми и вашето тело ќе произведува повеќе инсулин. Вишокот на инсулин може да го зголеми производството на андрогени, предизвикувајќи потешкотии со овулацијата.
Инфламација (воспаление). Пациентките кои имаат PCOS имаат хронично воспаление со низок степен, што ги стимулира полицистичните јајници да произведуваат андрогени, што може да доведе до проблеми со срцето и крвните садови.
Истражувањата покажуваат дека одредени гени може да бидат поврзани со PCOS.
Вишок андрогени. Јајниците произведуваат абнормално високи нивоа на андроген, што резултира со хирзутизам и акни.
Компликациите на PCOS може да вклучуваат:
- Неплодност;
- Гестациски дијабет или висок крвен притисок за време на бременост;
- Спонтан абортус или прерано раѓање;
- Неалкохолен стеатохепатит – тешка воспаление на црниот дроб предизвикано од акумулација на маснотии во црниот дроб;
- Метаболен синдром – висок шеќер во крвта и абнормални нивоа на холестерол или триглицериди кои значително го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести;
- Дијабетес тип 2 или преддијабет;
- Ноќна апнеа;
- Депресија, анксиозност и нарушувања во исхраната;
- Абнормално крварење од матката;
- Рак на матката (ендометријален карцином);
- Дебелината е поврзана со PCOS и може да го комплицира нарушувањето.
Извор: Pharma News