Светската здравствена организација соопшти дека африканските земји Гана, Кенија и Малави се избрани за тестирање на првата вакцина против маларија.
Вакцината која ќе се применува како инјекција, развиена е од британската фармацевтска компанија „GlaxoSmithKline“ и е позната како RTS, S.
Вакцинацијата ќе започне идната година и ќе биде спроведена на деца на возраст од пет до 17 месеци.
Според соопштениеото од СЗО, со пилот програмата „ќе се процени можноста за достава на потребните четири дози од вакцината, потенцијалната улога на вакцината во намалување на смртните случаи во детството, како и нејзината безбедност за рутинска употреба“.
Маларијата е животно загрозувачка болест предизвикана од паразити кои се пренесуваат на човекот преку убод од инфицирани женски комарци.
Според СЗО, најмногу заболени од маларија има во Африка. Во 2015 година, 90 проценти од случаите со маларија биле забележени во суб-сахарска Африка и 92 проценти од смртните случаи.
Благодарение на глобалните напори, во борбата против маларијата, бројот на жртвите во периодот од 2000 до 2015 година се намалил 62 проценти.
Сепак, приближно 429.000 луѓе починале од маларија во 2015 година, од кои најголем број деца во Африка.
Денес, (25 април) е Светски ден на маларијата.