Првиот скок од авион без падобран

Еден американски падобранец стана првиот човек  во светот кој намерно скокна од авион без падобран од височина од 7620 метри – и остана жив.

42-годишниот Лук Аикинс „летал“ со брзина од околу  241 км. на час, а наместо падобран употребил огромна мрежа висока колку 20-катна зграда.

За да го изведе скокот биле потребни 18 месеци подготовки и огромен број прецизни пресметки и што е најважно, тим од научници морал да направи перфектно дизајнирана мрежа што ќе го успори Аикинс доволно за тој да не тресне на земјата, но и да не го прекине падот нагло за да не се повреди.

Аикинс не откри од каков материјал е изработена мрежата, но била специјално направена да може да го издржи ударот од неговиот пад и доволно растеглива да го фати Аикинс и да спречи тој повторно да отскокне нагоре.

Мрежата со димензии 30 х 30 метри, била прицврстена на четири 61 метри високи кранови, поставена на височина од околу 20 спрата.

Под неа, исто така била поставена уште една мрежа, во случај да дојде до нешто непредвидено.

За време на слободниот пад низ воздухот (нешто што Аикинс го направил 18.000 пати претходно со падобран) Аикинс бил наведуван со најсовремен систем, кој покажувал црвено светло на местото на слетување кога тој се оддалечувал од курсот и зелено светло кога бил на вистинскиот правец.

Неговата кацига исто така звучно сигнализирала и тоа побрзо кога се приближувал до центарот на мрежата и поспоро кога се оддалечувал.

Пред овој скок, Аикинс направил пробен скок во мрежата од 26 метри височина и според  „NPR“, првичната идеја била тој да носи и падобран како резерва, но се откажал и го симнал падобранот пред скокот.

Скокот го изведува свртен со лицето надолу, се до последната минута кога се врти на грб, за да слета понежно. Само неколку минути потоа, тој веќе е на нозе, гушкајќи го семејството.

„Скоро како да лебдам, ова е неверојатно“ изјавил Аикинс за печатот, непосредно после летот.

Летот беше изведен во Сими Вали, Калифорнија, во неделата  попладне, на 31 август и беше пренесуван во живо.

https://www.youtube.com/watch?v=9l_HvBKaBWw

Поддржете ја нашата работа: